Македонија
Тошковски – Дачиќ: Четири српски полицајци во август ќе бидат присутни во регионот на Охрид, каде има голем број српски државјани како туристи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамки на дводневната посета на Република Србија, денеска оствари билатерална средба со српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
На средбата, македонскиот и српскиот министер разговараа за унапредување на соработката помеѓу двете министерства во областа на граничната соработка, борбата со организираниот транснационален криминал, како и заеднички обуки меѓу полиции.
Тошковски му се заблагодари на српскиот колега Дачиќ за гостопримството, размената на искуства и практики со цел уште подобра соработка како министерства и полиции.
„За нас е од круцијално значење, заеднички да делуваме против криминалните групи, со цел да можеме да се справиме со организираниот криминал. Разговаравме и за подобрување на соработката во делот на граничните премини. Оценивме дека можеме да ја подобриме фреквенцијата на возила на граничниот премин. Се договоривме да формираме една работна група која и претходно постоела и се надеваме дека за краток временски период ќе даде резултати кои ќе ги доведат граничните проверки на една позиција, а не на две како што е сега. Во превод, да го примениме „one stop“ системот, за проверка на нашите државјани“, рече меѓу другото министерот Тошковски.
Тој најави дека заедно со Дачиќ, како дел од одличната соработка на двете полиции е договорено четири српски полициски службеници за време на месец август да бидат присутни во регионот на Охрид, каде има голем број српски државјани како туристи.
Српскиот министер за внатрешни работи Дачиќ, исто така потенцираше дека фокус на средбата било обновувањето на работната група помеѓу двете полиции кои треба да ги олеснат процедурите на граничните премини особено на ГП Табановце каде фреквенцијата е најголема.
„Основната идеја е да ја направиме и повторно да ја активираме оперативната група која треба да се занимава во поедноставување на процедурите кои постојат на тој граничен премин, за навистина да имаме една контрола. Зборувам за граѓаните, а не за транспортот на стоки со камиони и слично. Идејата е тоа да го поедноставиме за да излеземе во пресрет на граѓаните“, истакна Дачиќ.
Српскиот министер појасни дека е договорена и соработка кога станува збор за вонредни ситуации.
Министрите се сложија дека соработката помеѓу министерствата и двете полиции мора да биде подобра од соработката помеѓу криминалните групи и дека напорите за унапредување на соработката во сите сегменти како две соседни пријателски држави ќе продолжи и ќе се унапредува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).