Македонија
Тошковски: Донација од САД вредна околу еден милион евра за бомбашкиот оддел на МВР, стратешкото партнерство ја зајакнува безбедноста на државата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на министерството присуствуваше на предавање на опрема обезбедена во соработка со Американската амбасада во Македонија и програмата АТА.
Се работи, како што појаснуваат од министерството, за донација за опрема за потребите на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи во Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
„Денес покажуваме дека нашето стратешко партнерство со САД е на одлично ниво. Упатувам огромна благодарност на целиот тим на американската амбасада во Македонија. Нивната лична заложба креира додадена вредност да ја обезбедиме оваа значајна опрема која е донирана од страна на американската држава. Имаме опрема којашто е донирана на единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства или „бомбашката единица“, којшто е клучна за Македонија во рамки на професионалното делување на МВР. Се работи за најсовремена опрема во вредност околу милион евра и сите припадници на единицата веќе имаат поминато соодветна обука исто така организирана од страна на амбасадата. Со ваков тип на опрема се штити човечкиот живот и на граѓаните и на професионалците во МВР“, потенцираше Тошковски.
Се работи за високософистицирана опрема, во вредност од околу еден милион евра, како роботи за справување со импровизирани направи, неексплодирани минско експлозивни и други убојни средства, бомбашки одела, телескопски манипулативни раце, детектори на експлозивни средства, фибер оптички камери, рендген апарати за откривање на експлозивни средства, специјализирано возило за пренос на опремата и обуки на припадниците на Едницата за откривање и демонтирање на екслпзивни средства и направи, за користење на опремата преку програмата АТА.
Вршителот на должност амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс потенцираше дека оваа донација ја претставува заедничката посветеност кон засилување на капацитетите на министерството за одговор на вакви видови закани, заштита на заедницата и животите на граѓаните.
„Заедничката посветеност на министерството и амбасадата е пресудна во успехот на нашите две земји и се радувам и на идната соработка. Припадниците на Одделот за минско експлозивни средства во нивната работа се исправени пред неверојатен ризик. Тие се движат кон опасноста, за останатите да бидеме безбедни. Ги заслужуваат најквалитетните алатки и опрема, да ги извршуваат своите обврски безбедно и ефективно. Ова возило и опрема ќе го зголемат нивниот капацитет да ги детектираат, проценат и неутрализираат заканите од експлозиии, со поголема брзина, прецизност и координација. Денешната поддршка го потенцира нашиот заеднички интерес за безбедност и стабилност. Кога капацитетите на Република Северна Македонија се засилени, кога заканите се идентификувани и соодветно и брзо адресирани, придобивките се и за двете нации. Силното билатерално партнерство како нашето е клучно да обезбеди безбедност и да се справи со предизвиците, пред тие да ескалираат. Тоа го прават партнерите од доверба.“, потенцираше вршителот на должност амбасадор Варнс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.

