Македонија
Тошковски: Лага е дека сум расчистил само еден случај како министер и сум разочаран од некрофилските обиди на СДСМ

„Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена и сметам дека се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе. Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само два се нерасветлени“, наведува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот фејсбук профил.
Според Тошковски, овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства
-Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години каде скандалите се редеа еден по друг. Нивните владеачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во “Ист Гејт”, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во “Шиша Бар” и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа, истакнува министерот.
Граѓаните, додава, многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците.
-Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните. Да не заборавиме и дека токму во нивно време се случија корупциските афери како “Рекет”, каде највисоките државни функционери беа замешани во изнуда и злоупотреба на моќ. Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен. Ние најавивме бескомпромисна борба со овие криминални структури, почнавме да го обновуваме системот и да ја враќаме контролата врз безбедноста и правдата, но не може веднаш да се реши она што беше систематски уништувано седум години. Воведовме засилени мерки и акциски контроли, но за целосна победа над криминалот е потребна стратешка и долгорочна акција. Ова е процес што нема да се случи преку ноќ, но ние сме решени да ги вратиме безбедноста, правдата и редот во земјата, за разлика од нив, кои дозволија криминалците да го контролираат секој аспект од нашето општество, пишува Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.