Македонија
Тошковски најави награди за вработените во полиција доколку помогнат во надминување на кризата со издавање на личните документи
Министерот Панче Тошковски оствари средби со раководствата на Македонскиот полициски синдикат, Независниот синдикат на полицијата и Синдикатот на полиција во Македонија. На средбите Тошковски ја изрази својата отвореност за соработка со сите синдикати и посочи дека како министер има чесни и искрени намери за подобрување на работата на министерството во целост и во таа насока ќе биде партнер на синдикатите со цел да се зајакне достоинството на полициските службеници кои треба да бидат сервис на граѓаните и гарант за безбедноста на државата.
Од страна на министерот беше побарано од синдикатите во рамките на своите можности да помогнат во надминување на предизвиците поврзани со кризата која се појави во делот на издавање на лични документи, а од негова страна ќе бидат преземени сите мерки и активности во рамките на законските можности со цел обезбедување награда за оние вработени кои ќе изразат желба да помогнат во надминување на предизвиците поврзани со овој процес.
Од страна на раководителите, министерот беше запознаен со структурата и работата на синдикатите и беше изразена благодарност за поканата за средба и подготвеност за соработка и воспоставување на партнерски однос со министерот во насока на подобрување на условите и работата на министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

