Македонија
Тошковски на граничниот премин „Блаце“: Граѓаните ќе ја поминуваат границата побрзо и со една контрола

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со вицепремиерот Изет Меџити и министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла денес на граничниот премин „Блаце“ извршија увид во финализирањето на инсталација техничките системи и компоненти за набрзо да може да почне тест периодот на системот „One Stop Shop“ којшто треба да овозможи побрз премин на граѓани кои патуваат помеѓу Македонија и Косово.
„Констатиравме дека сета опрема од технички аспект којашто треба да се имплементира и инсталира е во фаза на инсталација и започнуваме со подготовки на вмрежување на двата системи. Имавме можност да видиме како ќе функционира технички тоа, во рамки на една единствена платформа. Информациите ќе се споделуваат меѓу двете министерства со цел да овозможиме со констатација на само еден полициски службеник косовските граѓани да влезат во Македонија и македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола од страна на еден полициски службеник. Секоја држава го штити својот влез. Со овозможување на мали градежни зафати коишто ќе овозможат проширување на влезовите кон Македонија, ќе создадеме соодветни услови и влезот кон Косово од моменталните три кабини да овозможиме шест позиции“, потенцираше Тошковски.
Тој образложи дека во имплементирањето на системот „One Stop Shop“ за побрз пропуст на патници и стоки најдалеку во имплементирање е стигнато со Косово а во блиска иднина ќе следуваат и имплементации со Република Србија и Република Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари официјално поднесе оставка: „Одлуката ја донесов по лична и професионална проценка“

Министерот за здравство, воедно и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, попладнево официјално поднесе оставка од министерската функција.
Во писмената оставка што ја доставил до премиерот, Христијан Мицкоски, наведува дека одлуката ја донел по внимателна лична и професионална проценка.
„Со ова писмо, Ве известувам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Министер за здравство на Република Северна Македонија. Одговорноста што ја преземав со оваа функција ја извршував со максимална посветеност, транспарентност и чувство на должност кон граѓаните и државата. Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем. Останувам отворен за соработка и поддршка во иднина, секогаш водејќи се од јавниот интерес“, пишува во оставката.
Македонија
Притвор за дилер од Битола, им давал марихуана и на деца

Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сомнение дека сторило продолжени кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Во текот на 2024 и 2025 година осомничениот во повеќе наврати неовластено продавал наркотична дрога – марихуана на наркозависници. Во текот на претходната постапка обезбедени се докази и дека за целиот тој период осомничениот во повеќе наврати им овозможувал да употребуваат марихуана и на малолетници на возраст од 14 години. При претрес во неговиот дом на 12 мај биле пронајдени околу 8 грама марихуана кои ги држел за неовластена продажба“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот суд во Битола поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со измените, власта го уназади Законот за македонски јазик

Со Законот за употреба на македонскиот јазик кој го донесовме со поддршка од сите пратеници, во јануари 2024 година, после 18 години, за првпат се воведе јасна контрола на тоа како ќе се употребува македонскиот јазик, каде и дали правилно, како и формирањето на независен Инспекторат. Денес, преку предложените измени, сведочиме на уназадување на тој напредок, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Со укинување, на став 2 од членот 1, Инспекторатот ја губи својата правна и буџетска независност и се претвора во одделение во Министерството за култура и туризам – спротивно на она што беше договорено и што го ветивме во 2024 година. Иако стручната јавност, вработените во Министерството и сите засегнати страни побараа Инспекторатот да остане независен, денес тоа се поништува“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцираше дека дополнително, предложените измени не обезбедуваат јасни критериуми ниту за избор, ниту за разрешување на директорот на Инспекторатот.
„Во член 22 се вели дека Владата именува директор преку јавен оглас, но без јасна постапка и без дефинирани услови за селекција. Се предвидува дури и директорот да може да биде разрешен поради „привремена неспособност“, без појаснување што тоа значи, ниту предвидена жалбена постапка“, рече пратеничката на СДСМ.
Со измените на Законот, додаде таа, се намалуваат и стручните критериуми – наместо исклучиво меѓународно признати сертификати за познавање јазици, се дозволува и „друг документ“, со што се снижува критериумот.
„И покрај донесениот закон, скоро година и пол немаше сериозен обид тој да профункционира – ниту беа усогласени внатрешните акти на Министерството, ниту беа вработени нови лектори, ниту се спроведе систематизацијата. Денес гледаме дека Агенцијата за промоција на туризмот сè уште функционира со старата структура, што покажува дека нема капацитет. Наместо да го зајакнеме законот, се прави обид да се ограничи автономијата на телото кое треба да ја следи и штити употребата на македонскиот јазик. Ова е директен удар врз она за што се боревме – независен, стручен и функционален Инспекторат“, рече Стојчевска Костадиновска.