Македонија
Тошковски склучил скандалозен тендер од 500.000 евра со фирма која ДПМНЕ ја обвинувало за корупција, обвини Левица

На 25 март, министерството на Панче Тошковски склучило скандалозен тендер во вредност од 575.000 евра со компанијата „Дон Холдинг”, фирма која во минатото ДПМНЕ ја обвинуваше за коруптивни тендери. Токму за оваа компанија, додека беше во опозиција, ДПМНЕ обзнани скандал дека МВР на Оливер Спасовски незаконски доделило исти ваков тендер, иако компанијата не ги исполнувала критериумите, тврди партијата Левица.
„За оваа компанија, ДПМНЕ на пресови обвинуваше дека поради блискоста со поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од СДС, „Дон Холдинг” добива тендери од Оливер Спасовски и повикуваше обвинителството да отвори постапка. Наместо МВР под Панче Тошковски да ги истражи скандалозно доделените тендери од СДС на оваа компанија, сега сведочиме дека неговото министерство повторно ги склучува истите сомнителни тендери со „Дон Холдинг”“, велат од партијата.
Левица прашува како истата компанија која била обвинувана од ДПМНЕ за криминоген скандал и блиска до СДС, сега е подобна за Тошковски да ѝ додели тендер од 575.000 евра?
Наместо расчистување на криминалите на СДС и ДУИ, велат од Левица, кои добивале тендери од претходната власт, продолжуваат да бидат бизнис-партнери и на новата влада на Мицкоски.
„Истиот случај како со криминалниот проект на „Бехтел и Енка”, чии закони Левица ги блокираше, а сега сведочиме како владата на ДПМНЕ го зацементира овој проект, без да поведе никаква ревизија како што најавуваше. Наместо расветлување на криминалите од минатото, ДПМНЕ ги продолжува контроверзните зделки на СДС и ДУИ, овој пат директно од министерството на Тошковски. Левица јавно го прашува Тошковски: дали е политичко лешинарење делење тендери на компанија за која неговата партија обзнанувала криминални скандали и барало истрага за истите?“, прашува Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.