Македонија
Трендафилов подготвен тој и сите функционери една година да земаат плата 500 евра, но уште утре минималната да се зголеми на истиот износ
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, е подготвен една година тој и сите избрани и именувани лица за земаат плата од 500 евра доколку веднаш во Собранието се изгласа измена со која и минималната ќе се зголеми на 500 евра. Предлогот Трендафилов го даде како одговор на нападите дека синдикалните лидери од ССМ земаат високи плати на грбот на работниците во пресрет на утрешниот протест за зголемување на минималната плата.
„Јас како претседател на ССМ им подавам рака на сите избрани и именувани лица во Македонија, 1.080 мислам дека беа на број, од утре мојата и нивната плата да ни биде 500 евра, но заедно да изгласаат закон за измени и дополнувања на Законот за минималната плата и работниците да добијат 500 евра минимална плата. Јас и тие една година ќе примаме минимална плата од 500 евра и немам никаков проблем со тоа. Ги повикувам следниот пат текстот што ќе го внесат во идиотот и кога ќе читаат од него да прочитаат дека тие се согласни цела Влада, цел парламент, сите избрани и именувани лица, директори, шефови, раководители и што ли уште не, кои се ‘ухлебани’ на државна сметка цел живот, да примаме 500 евра минимална плата колку што ќе примаат речиси 200.000 работници во Македонија“, рече Трендафилов.
Особено се обрати до пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на прес-конференции зборува за платата на синдикалните претставници и побара исправка.
„Го повикувам од неговата плата да ми даде дел за да ми ги надополни овие 15.000 денари што ги немам и секој месец да имам 75.000 денари за да не лаже“, рече Трендафилов, кој објасни дека неговата плата е 60.000 денари, обезбедени од членарината на работниците во синдикатите, и нагласи дека на ист начин ќе се борел за минимална плата од 500 евра и кога неговата би изнесувала 300.000 денари.
ССМ извести дека протестот закажан за утре, кој ќе претставува јавна седница на највисоките синдикални тела, ќе почне во 12.05 часот. На улица ќе излезат 300 члена на највисокото раководство на ССМ, а добредојдени се и работниците.
„Јавната седница ќе биде отворена пред ССМ и ќе продолжи пред парламентот, каде што ќе им порачаме на пратениците дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците. Ќе продолжиме пред Стопанската комора, каде што ќе порачаме дека подадената рака од работникот денес може многу лесно да стане стисната тупаница утре. Ќе завршиме пред Владата, каде што ќе им порачаме на владините функционери дека не може да се одлучува за работниците беа работниците“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
Преку утрешната јавна седница ССМ сака да го изрази незадоволството од политиките што ги води Владата за кои сметаат дека се во погрешна насока и на штета на работниците. Барањата се 500 евра минимална плата и зголемување 100 евра на сите други плати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

