Македонија
Филипче: Зголемувањето на бројот на пациенти е очекувано, таквиот тренд ќе продолжи до крајот на април
Според министерот за здравство, Венко Филипче, зголемувањето на бројот на пациенти во овој период е очекувано од страна на епидемиолозите, а ваквиот тренд ќе продолжи се до пикот кој согласно проценките треба да се случи на крајот од април. Целта на воведување на мерките е да нема нагло зголемување на заболени од коронавирус, односно бројот на пациенти да биде соодветен на оној кој може да се третира од страна на здравствените институции.
„Зголемувањето на пациенти во овој период е според очекувањата на епидемиолозите. Тој тренд ќе продолжи сè до пикот, кој според сегашните проценти се очекува на крајот од месец април“, рече тој.
Филипче ја објасни состојбата со коронавирусот, потенцирајќи дека се чекаат студиите за процентка на антитела, со цел да се види дали може со колективен имунитет, граѓаните да се борат со вирусот сè до изнаоѓањето на вакцина.
„Сега е ситуација во којашто тешко може да се превиди дали градови можат да очекуваат втор пик, бидејќи епидемиолозите тешко можат да го кажат тоа, оти нема сигурни факти врз кои може да се направи проценка. Има некоја проценка дека бројот на заболени во Вухан може повторно да расте. Всушност, воведување на мерки, не само кај нас, туку секаде во светот, има за цел да ја растегне епидемиолошката крива. Значи, да се примат што помал број пациенти или број на пациенти кои здравствениот систем може да ги издржи. Во периодот кој следи, ги чекаме и студиите во однос на проценката на антитела, за да видиме дали може да се стекне имунитет, дури и колективен имунитет во следните година дена сè до излегувањето на вакцината. Веројатно тоа и ќе биде текот на оваа болест, како и епидемиолошката слика која ќе биде во светот. Значи, имаме мерки со кои го амортизираме ударот од огромен број пациенти во здравствениот систем, така што сите предвидување се во таа насока за кои не можеме целосно да сме сигурни“, потенцираше Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

