Македонија
Тренчевска: Грижата за ранливите категории е високо на нашата агенда
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при посетата на Општина Берово, беше во посета на установи од социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и поранешната министерка Јагода Шахпаска, го посетија Домот за стари лица д-р Иван Влашки – Берово каде што во моментот се сместени 37 корисници. Капацитетот на домот се прошири за 10 легла во 2021 година со отворање на третата ламела. Поради големата заинтересираност и реалната потреба на старите лица за згрижување во дом, направен е проект за објект – четврта ламела со тоа што би се зголемил капацитетот за уште 28 легла, информираа од министерството.
„Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава,“ рече Тренчевска.
Таа го посети и малиот групен дом во Берово, отворен во 2009 година како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Берово а во него се сместуваат деца без родители и родителска грижа. Тој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки.
Посетата на Берово беше заокружена со средбата со вработените во Центарот за социјални работи што воедно беше можност за разговор во врска со правата и услугите од социјална заштита, и нивната успешна испорака до оние граѓани на кои поддршката им е потребна, соопштија од кабинетот на Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.

