Македонија
Тренчевска: Каде што имаме квота за жени, има жени на функции за разлика од онаму каде што е оставено на политичката волја
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на денешната панел-дискусија „Дали жените и понатаму се недоволно застапени во политичкиот и јавниот живот“? се осврна на моментната состојба во државата.
„Денес, имаме 51 пратеничка, што нè прави лидери во регионот и пошироко во однос на застапеноста во парламентот, 36 % застапеност на жени во советите на локално ниво, 5 министерки и 3 заменик-министерки и доволен број државни секретарки. Но, за жал, имаме само две жени градоначалнички. Ова покажува дека онаму каде што имаме квота или законска обврска за номинирање жени на важни позиции, се почитува затоа што има заштитни механизми, а онаму каде што е оставено на политичката волја и на свеста во политичките партии, жените се губат во номинациите и изборите, ова особено за градоначалничките,“ рече Тренчевска.
Министерката се осврна и на говорот на омраза, особено насочен кон жените вклучени во политичкиот и јавниот живот.
„Тоа нас жените во политиката не нè обесхрабрува, но ги обесхрабрува оние жени што сакаат да се вклучат во политиката. Улогата на институциите е многу важна, таа координираност и нивното постапување во законската рамка“, истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека како држава имаме одлична законска рамка во секоја област, меѓутоа треба попосветена работа во нејзината имплементација, се мисли на институциите, судовите, Обвинителството, особено во делот на откривање и казнување на сторителите, односно оние што користат говор на омраза.
Министерката се осврна и на загрижувачката состојба со антиродовите движења, каде што цел на говор на омраза се жените, и каде што најчесто во овие движења најгласни се жените.
Таа посочи дека само со солидарност и меѓусебна поддршка може да се постигне целта, еднакво општество за сите, општество во кое нема да зборуваме ниту за дефиниција на жени ниту за мажи затоа што тоа е апсолвирано многу одамна уште во 90-тите години.
Настанот беше организиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство во соработка со Националниот демократски институт (НДИ), кои подготвија извештај во сенка за поглавјата 7 и 8 од Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), поточно за учеството на жени во политиката и јавниот живот и насилство врз жените во политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

