Македонија
Тренчевска – Колер: МОТ со поддршка во унапредувањето на трудовото законодавство

Во рамките на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, Швајцарија, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, оствари средба со Регионалниот директор на МОТ за Европа и Азија во Женева, Хајнц Колер.
Тема на средбата беа активностите и проектите коишто се спроведуваат во Македонија, во делот на техничка помош и поддршка од Меѓународната организација на трудот.
Министерката информираше за текот на активностите за подготовка на новиот Закон за работни односи, како и дека нацрт-текстот е подготвен и усогласен со стручните предлози и препораки добиени од Меѓународната организација на трудот, при што се направени и напори да се обезбеди усогласеност со европското законодавство и конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Притоа ја нагласи и поддршката од МОТ за измена на постоечкиот Закон за мирно решавање на работните спорови, со цел да се подобри спроведувањето на мирното решавање на индивидуалните работни спорови, со оглед на фактот дека овој систем се покажа успешен во колективните работни спорови.
„Особено е важно да се спомене Младинската гаранција, која е дел од европските водечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите (15-29 години) понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантска работа, во рамките на период од четири месеци од денот на пријавувањето во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“, рече Тренчевска.
Во 2021 година, од вкупниот број лица кои влегле во процесот на младинска гаранција, 8064 млади до 29 години или 41% се вработиле или стекнале вештини кои ја подобриле нивната вработливост и станале конкурентни на пазарот на трудот.
Колер истакна дека, имајќи предвид дека тој е еден од креаторите на програмата за младинската гаранција, особено задоволство му причинува фактот дека резултатите од имплементацијата на младинската гаранција во нашата земја ги надминува очекувањата. Тој додаде дека Меѓународната организација на трудот ќе продолжи да ја поддржува РСМ на патот на унапредување на трудовото законодавство, безбедноста и здравјето при работа и зголемување на вработливоста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.