Македонија
Тренчевска: Продолжуваме заедно да обезбедуваме пристојни услови за старите лица

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со здружението за социјална заштита на старите лица „Се грижам“. На средбата се разговараше за измени и дополнување на правилникот за нормативите и стандардите за простор, опрема, стручни кадри и средства потребни за основање и почнување со работа на установа за социјална заштита за стари лица.
Тренчевска истакна дека Министерството ќе работи на прифатливи решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат домовите што имаат добиено дозвола за работа за да може да се одржи нивното функционирање.
„Во периодот што следува ќе го разгледаме предлог-правилникот на веќе постојните установи за згрижување стари лица и ќе обезбедиме временски период на усогласување на домовите со нормите на правилникот за да обезбедиме одржливост на установите“, рече Тренчевска.
Министерката истакна дека општите стандарди на сите домови треба да бидат исполнети, со цел да се одржат домовите како пријатни установи, кои добро ќе влијаат на психосоцијалниот живот на старите лица.
На крајот од средбата здружението се заблагодари за можноста да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат приватните установи за стари лица во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Малкумина веруваа во тоа, но просечната плата во земјата надмина 500 евра

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оцени дека покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните се политики на кои влста им останала доследна.
„Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано. Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше цел на критика и потсмев од опозицијата, која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно – да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.
Во коментарот тој изрази благодарност на сите членови на Владата во овој и во минатиот мандат, кои, како што посочува, доследно и посветено работеле на остварување на ова ветување.
„Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на Владата предводена од СДСМ“, се вели во објавата на премиерот посветена на растот на просечната месечна нето-плата.
Македонија
Министерката за одбрана се сретна со офицери на Армијата, кои се на школување во Бугарија

При денешната посета на Бугарија, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, оствари разговар со двајца високи офицери од Армијата на Република Северна Македонија, кои во моментот се дел од Школата за национална одбрана и Командно-штабната академија на софиската Воена академија „Генерал Ѓорѓи С. Раковски“.
„Ние остануваме силно посветени на развојот на човечкиот потенцијал во одбраната и во Армијата зашто вие сте нашиот најголем ресурс. Ќе продолжиме да инвестираме во индивидуалниот капацитет на сите армиски припадници и дома и во сојузничките земји зашто тоа е најдобриот начин за воспоставување блиски меѓусебни контакти на индивидуално ниво како офицери на сојузнички армии“, рече министерката на средбата.
Полковникот Сибиновиќ и потполковникот Стоименовски се заблагодарија за средбата и можноста да поразговараат со министерката за една од темите која е најважна во одбранбениот сектор – континуираното воено образование и усовршувањето, информираат од Министерството.
Македонија
По пресудата од 9 години затвор, Груевски ги спореди случаите на СЈО со „Процес“ на Кафка

Сличности со славното дело „Процес“ на Кафка постојат во речиси сите политички мотивирани прогони последните 5-6 години, произлезени од партиски контролираните обвинителства СЈО и ОЈО, реагира експремиерот Никола Груевски од Унгарија, откога доби девет години затвор за случајот „ТНТ“, за уривањето на „Космос“.
За случајот, Груевски вели дека станува збор за апсурден политички прогон.
Во прилог, целиот став на експремиерот објавен на социјалните мрежи.