Македонија
Тренчевска: Секое дете има право да расте во семејна и топла атмосфера
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес спроведе активност со деца од згрижувачки семејства на тема „Моите емоции, во моето семејство“ со поддршка на вработените во Јавната установа Детски дом „11 Октомври“- Скопје.
„Преку уметноста децата најдобро ги искажуваат своите емоции, затоа денес преку цртежи и боички комуницираме за емоциите. За мене е од особена важност кај децата да преовладуваат позитивните емоции кога се зборува за семејствата во кои децата се згрижени. Затоа што згрижувачкото семејство треба да биде пријатна околина за правилен раст и развој на децата“ рече Тренчевска за време на активноста.
Тренчевска ја објасни и важноста од подготвувањето на згрижувачките семејства за децата навистина да ја добиваат соодветната грижа и нивното секојдневие да поминува во топла семејна атмосфера.
„За нас како Министерство за труд и социјална политика од особена важност е децата да бидат сместени во соодветни згрижувачки семејства, затоа лицата кои се заинтересирани поминуваат преку долг процес на консултации во Центрите за згрижувачки семејства“ рече Тренчевска.
Процесот низ кој треба да поминат згрижувачките семејства започнува со контакт со Центарот за социјална работа (ЦСР) во местото на живеење и се пополнува соодветниот образец. Потоа потребно е семејството да помине низ информативна сесија каде Центарот за поддршка на згрижувачки семејства заедно со ЦСР извршуваат првична посета во домот на згрижувачот. При посетата во домот се разговара со семејството и се утврдува состојбата и потребите и воедно се оценува семејството согласно критериумите. Доколку истите се позитивни, семејството поминува низ задолжителна обука во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства. Процесот завршува со крајна проценка за подобноста на семејството.
Моментално на територијата на Република Северна Македонија има 362 згрижувачки семејства во кои се згрижени 601 дете. Министерството за труд и социјална политика досега има спроведено две кампањи со UNICEF и СОС детско село со цел зголемување на свеста за важноста на згрижувачките семејства и зголемување на нивниот број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вработен во „Национални шуми“ барал пари од лице од струмичко шест години, секој месец, за дозвола за сеча на дрва, поднесена кривична
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.К.(39) од Струмица поради постоење на сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена должност“ по член 353 и „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. Пријавениот Б.К., референт во Јавно претпријатие „Национални шуми“, подружница Беласица – Струмица, се сомничи дека во претходните шест години, континуирано секој месец, лично или со посредство на друго лице, барал и добивал паричен надомест од жител на струмичко село, кој требало да добие дозвола за сеча на дрва. Исто така, лицето за да добие дозвола за сеча на дрва плаќало и други услуги во корист на осомничениот. Откако ќе добиел надомест, пријавениот се јавувал на лице кое требало да ја издаде дозволата за сеча на дрва на планината Огражден, за да му биде изготвена и дадена на лицето.
На 06.11.2024 во Струмица, во моментот кога примал паричен надомест од истото лице, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Б.К.. Исто така, со судска наредба, биле извршени претреси во неговиот и во домовите на уште две други лица, при што биле пронајдени и одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делата.
Од страна на судија од Основен суд Струмица на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Македонија
Додека Таравари шета низ светот, болниците се претворија во пекол за пациeнтите: ДУИ бара одговорност за смртта на бебињата
Демократската унија за интеграција бара одговорност од министерот за здравство и директорот на детската клиника за секојдневните смртни случаи на бебиња во болниците со кои раководат Изет Меџити и Арбен Таравари.
„Болниците се претворија во пекол за пациентите каде секојдневно умираат бебиња, додека Таравари шета низ светот и не чувствува никаква одговорност.
ВЛЕН, Изет Меџити и Арбен Таравари реагираат само кога ќе им се наруши кумството со коцкарскиот бос во земјава, нивниот најголем поддржувач“, велат од ДУИ.
Според партијата на Ахмети, секогаш кога Таравари е министер за здравство, смртта на пациентите станува секојдневна појава.
„ВМРО ДПМНЕ го нарече Арбен Таравари министер за смрт и најкорумпиран човек.
Мицковски денеска мора веднаш да ги разреши Таравари и директорот на клиниката Мемеди за да ги спаси граѓаните“, нагласуваат од оваа партија.
Македонија
Општината Ѓорче Петров се приклучи кон глобалната иницијатива за отпорност
Општина Ѓорче Петров и Република Македонија оваа година го прават првиот чекор кон приклучување кон глобалната иницијатива „Да ги направиме градовите отпорни 2030“ (MCR2030), информираат од таму. Овој потег, според нив претставува значаен чекор кон развој на локалниот капацитет за управување со ризици и подобрување на отпорноста на заедниците пред природни катастрофи, со цел осигурување на безбедноста и благосостојбата на сите граѓани.
Локалната самоуправа на Ѓорче Петров, во соработка со UNDRR и Центарот за Управување со Кризи, има уникатна можност да работи на зајакнување на инфраструктурата и подобрување на свеста за ризиците кои ги носат природните катастрофи. Преку техничка поддршка и пополнување на картата за резултати за отпорност на катастрофи, Ѓорче Петров прави, како што велат, чекори кон создавање на подобро координирана и поодржлива заедница.
„Процесот на проценка на отпорноста е само почеток,“ истакна градоначалникот Стојкоски, нагласувајќи дека целта е градење политики и стратегии кои не само што ќе бидат локално адаптирани, туку и усогласени со глобалната Рамка за намалување на ризикот од катастрофи. Со своите партнери, општина Ѓорче Петров останува посветена на вложувањето во капацитетите на своите заедници, правејќи ги поотпорни и способни да се адаптираат и опоравуваат по секоја катастрофа, нагласуваат од општината.