Македонија
Тренчевска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика

Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика. Новоименуваната министерка Јованка Тренчевска ја презеде функцијата од досегашната министерка Јагода Шахпаска.
Со тоа министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, и официјално го почнува управувањето со овој сектор.
„Чест и задоволство ми претставува да го предводам секторот во кој со години активно учествував во креирањето на социјалните политики насочени кон граѓаните, а особено кон најранливата категорија. Приоритет ќе ми бидат унапредување на правата од социјалната заштита, обезбедување редовни и сигурни пензии, заштита и почитување на работничките права, како и грижа за најмладите. Продолжуваме заедно да градиме едно општество за сите. Родовата еднаквост останува и понатаму високо на мојата и на агендата на Министерството за труд и социјална политика“, истакна Тренчевска.
Досегашната министерка за труд и социјална политика, Шахпаска, на својата наследничка Тренчевска ѝ посака успешна и плодна работа. Таа ја информира за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.
Тренчевска доаѓа од раководната позиција на Државниот инспекторат на трудот, а претходно ја извршуваше функцијата државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика. Таа е дел од ова Министерство 19 години со нејзино активно учество во креирањето на политиките за родовата еднаквост на жените и мажите, каде што има водечка позиција во овој сектор. Нејзината досегашна кариера е во насока на унапредување на правата на работниците, како и родовата еднаквост меѓу мажите и жените. Министерката Тренчевска е магистер по социолошки науки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од септември 15 проценти повисоки плати во образованието, договориле МОН и СОНК

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, информира дека со СОНК ги прифатиле предлозите на медијаторот во однос на сите отворени теми и причините за штрајкот во образованието.
„И двете страни се согласивме да ги прифатиме предлозите на медијаторот, кои се вклучени во преговарачкиот процес, во однос на сите теми што беа отворени и причините за штрајк во образованието. Повисоки плати во образованието ќе има, освен порамнувањето што го донесовме со минималната плата, се договоривме за зголемување на платите за сите вработени во образованието за 15 проценти“, истакна Шаќири.
Додаде дека нема да има кратење на платите во месецот кога се штрајкуваше.
„Нема да има кратење за времето кога се штрајкуваше. Најдовме целосно разбирање и ќе се исплатат целосни плати за април. Ги допрецизиравме работите и за колективните договори“, нагласи ресорниот министер по средбата со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Изрази благодарност до родителите, наставниците и до учениците, кои имале разбирање за овој процес.
Зголемувањето, како што беше најавено, треба да се очекува од септемвриската плата.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, потврди дека овој предлог на медијаторот ќе важи и со Министерството за труд и социјална политика.
Македонија
Утврденa делегацијата за стратешкиот дијалог со САД

Владата, на денешната 45-та седница, ја разгледа и усвои информацијата за почеток на стратешкиот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
За координатор на процесот за стратешки дијалог меѓу Македонија и САД е определен министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој на 2 јуни ќе ја предводи делегацијата на отворањето на процесот во Вашингтон, во чиј состав ќе бидат и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, соопштија владините служби.
„Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и е од особено значајно во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграцијата, борбата против тероризмот, па сѐ до справување со организираниот и меѓународен криминал“, е наведено во владиното соопштение.
Дијалогот, како што е појаснето, ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО-партнери, аспирациите на Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјата со ОБСЕ, заложбите на земјата во рамките на самитот за демократија на претседателот Бајден и други теми од интерес, е нагласено во дописот.
Македонија
Поглаварите на МПЦ и на СПЦ задутре на заедничка литургија во Белград

Српската православна црква на својата веб-страница официјално објави дека на 19 мај, во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан ќе служат литургија на помирување, „со која ќе се воспостави литургиско и канонско причестување на двете сестрински цркви со одлука на Собранието на СПЦ“, се вели во официјалното соопштение од СПЦ.
Литургијата, како што пренесуваат и српските медиуми, ќе почне во 9 часот, а ќе служат сите архијереи на двете цркви.
Според написите, патријархот Порфириј ги повикал верниците во што поголем број да присуствуваат на архијерејската литургија.
Соборот на СПЦ вчера соопшти дека прифаќа статус на најширока можна автономија за Македонската православна црква, односно целосна внатрешна самостојност, која ѝ е доделена уште во 1959 година.