Македонија
Третманот на Јанкулоска и затвореничките во “Идризово” е дискриминирачки, утврди Комисијата за антидискриминација и бара решение за шест месеци
Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години.
Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол.
Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, е наведено меѓу другото во извештајот од Комисијата.
Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Според оваа институција „станува збор за погодност која може да се користи ако осуденото лице одлежало третина од казната или пак има примерно поведение“.
Комисијата има усвоено и препорака до Управата за извршување санкции, во соработка со други релевантни органи, во рок од шест месеци да подготват Акциски план со извори на буџетирање, за адаптирање, реконструкција и конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички.
Инаку, Гордана Јанкуловска, осудена за случајот „Тенк“, издржува затворска казна во времетраење од четири години, од 28 септември 2020 година, во „Идризово“.
Своевремено Исмаил Камбери, во улога на претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, во изјава за „Макфакс“ посочува дека станува збор за комплициран случај.
А дека Јанкуловска е дискриминирана во затворот во интервју за „Макфакс“, призна и ексдиректорот на Управата за извршување санкции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Жалиме што СДС не испрати честитка за Денот на македонската револуционерна борба
Изразуваме длабоко разочарување од односот на СДС кои денес не најдоа елементарна државничка сила да испратат честитка до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Според нив, со овој потег, Социјалдемократскиот сојуз покажува целосно непочитување кон историските вредности и борбата на македонскиот народ за слобода и независност.
„Каде е СДС да го честита празникот, или можеби и натаму Венко Филипче размислува како претходниот Зоран Заев дека Бугарите биле администратори, а дека македонскиот јазик не постои? Дали навистина СДС сметаат дека македонската држава се создала без никаква борба и жртва како што тврдат во Бугарија и како што кажа Заев. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на одржувањето на овие свети идеали и на чувањето на македонскиот идентитет и национално достоинство“, се вели во партиското соопштение.
Владејачката партија ги повика граѓаните да се обединат околу вредностите кои нè поврзуваат и да продолжат да ја слават борбата за слободна и суверена Македонија, бидејќи револуционерниот дух е жив и борбата за нашата татковина продолжува.