Македонија
Триесет дена притвор за Капушевски, Муча и Сулкоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“ оди во куќен притвор
Судот определи 30 дневен притвор за бизнисменот Ратко Капушевски – сопственик на фирмата РКМ, Ерџан Сулкоски и ексдиректорот на ЕСМ, Адријан Муча, во случајот со спорниот тендер за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Од Кривичниот суд вечерва информираа дека за нив постои опасност од бегство и околности кои укажуваат на попречување на истрагата со влијание на сведоци.
Во однос на осомничениот Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“, по произнесување пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, велат од Кривичен.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Претходно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за тринаесет лица и една фирма, поради злоупотреба на тендер за набвака на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево, уапсени беа 11 лица.
Со истрагата е опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

