Македонија
Трипуновски: Заев и Николовски ја претвораат Агенцијата за храна и ветеринарство во партиско дувло
Агенцијата што треба да се занимава со безбедноста на храната што се внесува и произведува во Република Македонија, Зоран Заев и Љупчо Николовски ја претвораат во партиско дувло, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Тој посочи дека, наместо професионалци, се вработуваат претседатели на партиски разграноци на СДСМ и истакнати нивни членови.
„Изминатиов период во неколку наврати обелоденивме дека Зоран Атанасов и луѓето околу него во АХВ со несериозниот и нестручен пристап го загрозуваат здравјето и животот како на добиточниот фонд во земјата така и на луѓето.
Скандалот со антраксот, несоодветното управување со проблемот со африканската свинска чума, како и пропустите во редовните проверки и испитувања се само и само поради партизацијата и политизацијата што се случува на големо во АХВ.
Агенцијата е искористена како институција за вработување на Александар Гиноски, поранешен претседател на ОО СДСМ Ѓорче Петров, партискиот активист Александар Јованчев, кој е во често друштво на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. СДСМ во Агенцијата го вработи и братот на градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски, како и Никола Савовски, кандидат за советник во Општина Центар од редовите на СДСМ. Атанас Бојчев е еден од поранешните директори на Државниот студентски дом „Скопје“, кој е префрлен да работи и раководи во АХВ.
Ова се само дел од партиските вработувања што формираат мрежа на СДСМ во АХВ, институција што треба да биде симбол за врвен професионализам.
Сето ова се случува додека Димковски по диктат на Заев и Николовски шиканира професионалци и неистомисленици преместувајќи ги да работат надвор од своето место на живеење, а во меѓувреме во институциите прима партиски активисти.
Ваквиот однос со клучни институции мора да стане минато. Да ставиме крај на несоодветниот третман на проблемите што ги тангираат граѓаните на Република Македонија. Затоа, потребни се предвремени парламентарни избори што побргу“, рече Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

