Македонија
Три години по пописот, Реџепи побара Уставен да ја укине поделбата на резиденти и нерезиденти: сега се чувствува штетата од таквата одлука

Укинување на поделбата на резидентно и нерезидентно население направена со пописот од 2021 година побара денес пратеникот на коалицијата „Европски фронт“ и претседател на движењето „Попули“, Скендер Реџепи. Иницијативата ја достави денес до Уставниот суд и појасни дека поделбата е незаконска и неуставна оти ниту во Уставот ниту во Законот за пописот не е предвидена поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти.
„Апсолутно сметаме дека оваа одлука нема никаква етичка вредност и сметаме дека Уставниот суд треба да го укине ова оти е на штета на сите граѓани. Тука нерезидентни не се само Албанците, сите граѓани во државата се поделени на резиденти и нерезиденти“, рече пратеникот Реџепи.
Тој посочи дека вината за поделбата е на поранешниот директор на Државниот завод за статистика оти при создавањето на методологијата направил поделба на граѓаните на резиденти и нерезиденти и се ставил над Собранието, кое не расправало за ваква поделба.
„Во петтата глава, член 1 и 2, ги поделил граѓаните на резидентни и нерезидентни. Таа поделба ја нема ниту во Уставот ниту во законот и сметаме дека тука се повредени и уставното и законското право. Треба тоа да се поправи. Злоупотребата на ваква поделба денеска ја прави оваа моноетничка, нелегитимна и антиалбанска Влада, која ги категоризира граѓаните, ги дели на резиденти и нерезиденти и соодветно на тоа и бројот на можности за вработување на граѓаните ги оневозможува за оние што се нерезидентни. И поделбата на средствата по општините е направена во согласност со бројот на резидентни граѓани, а не онака како што е реално во пописот“, вели Реџепи.
Одлучил три години по пописот да ја поднесе иницијативата оти сега има граѓани што се вратиле дома, а не може да најдат работа и општините во кои живеат добиваат помалку пари оти имаат помалку жители.
„Зошто сега? Оти сега се чувствува штетата од таквата одлука. Сега гледате граѓани кои во текот на овие две-три години од пописот се вратиле и тука се, меѓутоа бројчено не може да бидат организирани ни при вработување ни при поделба на средствата по општините. Ние сме ги истерале тие граѓани надвор од оваа држава во согласност со тешката економска и социјална состојба и ние треба да придонесеме тие да се вратат, а не да ги поттикнуваме и другите да си одат“, рече Реџепи.
Иницијативата ја поднел како пратеник и претседател на движењето „Попули“. Не се консултирал со партнерите во коалицијата „Европски фронт“, но очекува не само тие туку и политичките партии од другите коалиции да ја поддржат иницијативата оти во прашање е граѓанинот. Го повика Уставниот суд „барем еднаш да донесе правна одлука оти од политички одлуки ни се преку глава“ и да ја стави во мирување поделбата што ја прави Владата со месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Реновирани оддели и амбуланти, проширена позитивна листа, зголемени плати на здравствените работници и капитационен бод на матичните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Здравство, една од најзначајните, а во исто време најчувствителна гранка во македонското општество. Како и се останато, СДС се погрижи, за периодот на седумгодишното владеење, целосно да го урниса, да ја намали довербата на пациентите во здравствените работници и да остави разочаран и депримиран здравствениот персонал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не требаше многу, доволно беше една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ за и во здравството, со интензивна и посветена работа да се постават и да почнат да се градат темелите.
Со цел ефикасно менаџирање и рационализација на трошоците на здравствените установи, меѓу првите одлуки кои Владата ги донесе беше, укинување на економските директори во јавните здравствени установи.
Набрзо потоа, во корист на пациентите, по повеќе од десет години се прошири позитивната листа на лекови со девет нови генерики на лекови, се набави компјутерски томограф со систем за инсталација во хибридна сала и целосно интегриран со ангиографскиот систем за потребите на ЈЗУ УК за кардиохирургија.
Се прошири Националната програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања за 2025 година со компонента за Скрининг и рана детекција на црн дроб и се усвои Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Македонија 2025 – 2030.
Исто така, се активираше педијатриски дежурен пункт во рамките на ЈЗУ ЗД Скопје, нова компресорка станица во рамките на хируршкиот блок, на хируршките клиники во комплексот Мајка Тереза и изведени нови типови на трансплантации (црн дроб, коскени ткива, менискус), како и подигнување на свеста за органодарителството.
Во изминатата година се набави нова медицинска опрема и се воведоа нови методи во:
– Општа болница Велес (уролошка и ортопедска опрема),
– УК за хируршки болести Св. Наум Охридски (уролошка опрема),
– ОБПД Прилеп (уролошка и ортопедска опрема),
– УК за кардиологија (кардиолошка опрема),
– УК за детски болести (неонатолошка опрема, инкубатори, перфузори, невролошка опрема),
– Општа болница Куманово (неонатолошка опрема, нов инкубатор и полуинтензивна нега),
– ГОБ 8ми Септември (нова ортопедска опрема) и воведување на нови методи од областа на интервентна радиологија.
Интензивно се работеше на модернизирање на условите за работа и третман на пациенти при што многу оддели и амбуланти во рамки јавните здравствени установи беа реновирани, и тоа:
– Комплетно реновиран одделот за ургентна инфектологија, ЦНС оддел и интензивната нега во ЈЗУ УК за инфективни болести,
– Реновиран кабинет за аудиологија во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација Скопје,
– Реконструкција и реновирање на повеќе одделенија при ЈЗУ Општа болница Гостивар,
– Реновирање и поставување на пет нови лифтови во ЈЗУ КБ Тетово,
– Реновиран кабинет за радиологија при хируршки клиники,
– Реновирана невролошка амбуланта во рамки на ЈЗУ УК за детски болести,
– Комплетно реновиран прв кат на ЈЗУ УК за психијатрија,
– Комплетна реконструкција на одделот за физикална и рехабилитациона медицина при ЈЗУ ОБ Гостивар.
Покрај ова, во измината година се водеше грижа за здравствениот персонал, така што во финален процес е вработувањето на 300 лекари специјалисти, а за најкраток рок ќе следи и вработување на уште 300.
Се воспостави механизам за континуиран раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи кои во мандатот ќе се зголемат до над 40% и се зголеми капитациониот бод на матичните доктори, гинеколози и стоматолози“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)