Македонија
Три часа зборувам, устата ми се исуши – се пожали Јанакиески откога судијата не дозволи пауза на судењето за „Топлик“

Судијата Осман Шабани три часа не дозволи пауза на судењето за „Топлик“, кое почна во 10.30 часот утрово. Тој не дозволи ниту пауза за тоалет на првообвинетиот Миле Јанакиески. По пет минути, се предомисли.
„Дали може да одам до тоалет“, праша Јанакиески по што Шабани рече: „Не може“, а Јанакиески врати: „Три часа зборувам, устата ми се исуши, ве замолувам да одам во тоалет“. Кога расправата продолжи, адвокатот Еленко Миланов постави прашање, судијата дозволи Јанакиески да отиде во тоалет.
Паузата ја побараа адвокатите, но и таа не беше дозволена. Тие реагираа дека им се потребни од 10 минути до половина час бидејќи три часа се суди. На ова се приклучи и Миле Јанакиески, кој рече дека по три часа исказ, губи концентрација. Адвокатката Сања Алексиќ исто така наиде на реакција кога побара да излезе на две минути пред судницата.
„Зошто до сега не го направивте тоа, сега го правевте поднесокот?“, праша Шабани откога адвокатката Сања Алексиќ побара пауза и му рече: „Треба да го дадам доказот и да ставам печат на поднесокот, печатот е кај мене“.
Во текот на сведочењето судијата се предомисли и даде пауза од 20 минути.
Во текот на исказо,т кој Миле Јанакиески го дава по три години судења, наиде на реакции од обвинителот Бурим Рустеми, кој сметаше дека обвинетиот анализира и дава завршни зборови.
„Прашањата се одвиваат до анализа што треба да ја има комисијата за јавно наддавање, а обвинетиот одговори дека немал директен контакт со комисијата, што е логично дека тој не може да знае што имала, а што немала. Секоја анализа на доказите на комисијата е класична злоупотреба на одбраната да се впушти во давање завршен збор, што е недозволиво“, рече Рустеми.
На ова возврати адвокатот Еленко Миланов, кој бараше приговорот да се одбие.
„Обвинението по кое постапуваме е за Јанакиески како соизвршител со сите други обвинети како членови на комисијата. Во таа насока и неговата одбрана, во делот на тоа кои подзаконски акти и како ја регулира потребната документација, како и неговите сознанија за тоа, ако ги има, претставува дел од неговата одбрана. Замолувам да се опомене обвинителот во делот на зборовите: злоупотреба на одбраната и бранителите“, рече Еленко Миланов.
Сепак, Осман Шабани го прифати приговорот.
„Размислувам дали да ви дозволам други вакви прашања. Ова е анализа на докази, не е одбрана. Приговорот се прифаќа“, рече Осман Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.