Македонија
Трошоците за живот двојно зголемени – власта без решение за инфлацијата, велат од партијата Левица
„Водењето политика без никаков економски концепт ја доведе работничката класа во колапс. Дивиот капитализам создаден од партиите на власт, одново и одново генерира кризи, после кои, сиромашните стануваат посиромашни, а богатите уште побогати. Главен проблем е што огромен број од вработените луѓе живеат во сиромаштија, а со две минимални плати, едно семејство не може да обезбеди егзистенција“, велат од партијата Левица.
„Додека платите стагнираат, вкупниот раст на трошоците за живот, во последните 4 години е неверојатни 43,3%. Според податоци од Светска банка и ДЗР, над 450.000 илјади лица живеат под прагот на сиромаштијата. Според УНИЦЕФ, над 10.000 илјади деца, живеат во исклучителна сиромаштија само поради поскапувањето на храната и претходно енергенсите. Вработувањето одамна не гарантира бегство од сиромаштија, околу 9% од вработените живеат во сиромаштија.
Власта се промени, трендот на инфлација остана исти. Инфлацијата за ноември споредено со минатата година изнесува 4.3%, додека за декември 4.4%. Кошничките на Мицкоски не го подобрија животот на граѓаните, храната продолжи со ист тренд на инфлација, основните продукти станаа луксуз, додека профитите на маркетите ја живеат својата ренесанса за време на празниците, секако, цехот од лошата политика оди на грбот на граѓаните.
За немањето економска визија на коалицијата на власт предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ, говори фактот, дека Македонија има најголема стапка на инфлација годинава (4.3%) споредено со која било од соседните земји, дури двојно поголема споредено со Бугарија (2.1%) и Албанија (2.0%).
Левица предупредуваше на ова, и предхоно посочуваше мерки кои можат краткорочно и среднорочно да влијаат врз намалувањето на инфлацијата. За жал, партиите на власт, водени од политичките и изборните интереси, изгласаа „уличарски“ Буџет, којшто нема интенција да го подобри животниот стандард на граѓаните. Распределбата на парите од т.н. „унгарски кредит“ наместо според реалните потреби на граѓаните, оди согласно потребите на Стопанските комори, што дополнително ја продлабочуваат кризата, за која, на крајот од денот, арачот го плаќаат граѓаните“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за тешки моторни возила на неколку патни правци, врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава.
Од 11:00 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка, воведена е забрана за движење на тешки моторни возила и автобуси.
Активни забрани за тешки товарни возила има на патните правци:
Гостивар – Маврово – Дебар; Гостивар – Стража – Кичево; Струмица – Берово; Пресека; Ѓавато; Плетвар; Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
AМСМ информира за дека се укинати забраните за тешки товарни возила на патните правци:
· Делчево – Г.П. Делчево
· Струга – Г.П. Ќафасан
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Вреди“: Срамот и деградацијата не се во нашиот двор, туку кај ДУИ, каде што манипулацијата и клеветата станаа политичка доктрина
Следејќи ја вообичаената пропаганда, ДУИ уште еднаш докажа дека е мајстор за манипулации и ниски клевети, во очајнички обид да го оттргне вниманието од сопствените неуспеси, велат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека остануваат силно на страната на албанските национални интереси, секогаш бранејќи го правото на Република Косово како независна и суверена држава.
„Обидите на „Вреди“ да му се припишат непостоечки ставови се залудни и неосновани. Вреди не негира дека Иван Стоилковиќ е претставник на Србите, тој е нивен претставник и ние не се обидуваме да го претвориме во Албанец, а уште помалку да го натераме да размислува како Албанец, но разликата меѓу нас и ДУИ е дека тие самоинициатевен остана дел од Отворен Балкан, иницијатива која никогаш не ја призна Република Косово. Потсетуваме дека првата средба на премиерот Христијан Мицкоски беше со премиерот Албин Курти. За оние кои не знаат, но треба да знаат: „Вреди“ не прифаќа, ниту пак користи терминологија што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, посочуваат во реакцијата од страна на оваа коалиција.
Според нив, наместо да ги клевети другите, би било добро ДУИ да се погледне себеси во огледало и да ја разгледа нивната сомнителна позиционираност во однос на националните интереси.
„Вреди“ како што велат, останува верен на своите принципи и е посветен на искрена и чесна меѓуалбанска соработка, отфрлајќи секаква форма на компромис на штета на албанскиот народ. Албанците се свесни кој достоинствено ги застапува и кој им служи на личните и партиските интереси.
„Срамот и деградацијата не се во дворот на „Вреди“, туку таму каде манипулациите и клеветите станаа политичка доктрина“, се додава во напишаното.
Македонија
Љутков: Негувањето на Вевчанскиот карневал е традиција што нè прави посебни, ни дава идентитет и гордост
Со традиционалното дефиле под маски, денеска во Вевчани почна официјалниот дел од Вевчанскиот карневал, кој претставува едно од главните обележја на Вевчани за празникот Св. Василиј, односно Василица.
Во своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека Вевчанскиот карневал е од особено значење за културниот и туристичкиот развој на нашата земја и дека негувањето на оваа традиција е она што нè прави посебни, она што ни дава идентитет и гордост.
„Секоја година, на Василица, овој карневал со својата над илјадагодишна традиција нè обединува сите нас, сите добронамерници со карневалски дух од целиот свет. Ние сме горди на Вевчанскиот карневал бидејќи тој му порачува на светот дека македонскиот народ има обичаи и култура кои не изумираат, туку се пренесуваат од генерација на генерација. Министерството за култура и туризам и годинава, како и во годините што доаѓаат ќе продолжи со континуираната поддршка на овој наш национален бренд кој придонесува не само за културниот, туку и за туристичкиот развој на нашата земја“, рече Љутков.
Дефилето почна од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде што маскираните го вртат василичарското оро. Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам.
Манифестацијата ќе заврши со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.