Македонија
Тупанчески: Некој функционер го искористил дискреционото право овозможувајќи предвремено полагање на правосудниот испит

Министерот за правда Никола Тупанчески , одговарајќи на новинарски прашања за положениот правосуден испит на Барлет Џафери во 2015 година рече дека некој функционер го искористил дискреционото право за предвремено полагање.
„Доколку навистина постојат случаи кои се граничат со примената на законот, тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери.Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит“, изјави Тупанчески.
Министерот посочи дека станува збор за три законски акти од Законот за правосуден испит донесен во 2013 година. Измените и дополнувањата се направени во 2015 година, а во 2019 година е донесен нов Закон за правосуден испит.
Во однос на состојбите во правосудниот систем, министерот за правда Никола Тупанчески смета дека е неопходно да се направи филтрација во судството и обвинителството.
„Ветингот, подолго време се заговара во нашата држава, зрее идејата да се движиме во таа насока како општество. Му треба ресетирање на македонското општество, затоа што еднаш засекогаш мора да се направи таа филтрација во судството. Не сите судии се лоши, не сите се добри. Треба филтрација“,рече Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во функција на најголемата дигитална судница во Идризово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во униформа: Басните за 2001-ва Али да му ги раскажува на Ковачевски

Басни за 2001-ва Али Ахмети да му раскажува на Ковачевски, напиша на социјалните мрежи, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски споделувајќи фотографија на која е тој облечен во воена униформа.
Ова се случува откако опозицискиот лидер претходно кажа дека бил добоволец во војната во 2001 година, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети возврати дека Мицкоски не учествувал во војната, туку само ја гледал на телевизија.
„Басните за 2001-ва може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски. Првиов се храбри од своите удoбни хациенди од Зајас, додека албанскиот народ, исто како македонскиот, гладува. Вториот како дезертер од 2001-ва сѐ ќе му поверува и мора да спроведе, за да прави криминал и тој самиот. Другпат добро нека гледаат и читаат што кажувам, а не да вадат од контекст. П.С. Јас пак мислев дека ќе се пофалат со нова фабрика…“, напиша Мицкоски.
Македонија
Шанса за Центар: Болници, градинки и јавни претпријатија се греат на нафта за домаќинства и мазут

Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство што директно влијае на загадувањето на воздухот. На овој енергенс се греат огромен број на училишта, градинки и болници во целиот град, па дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле.
Граѓанската иницијатива и советничка листа во општина Центар „Шанса за Центар“ изработи мапа која го покажува уделот на јавните институции во редот на загадувачите.
Мапирани се јавните објекти и установи кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Од тука велат дека мазутот е исклучително „валкан“ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот. Иницијативата е децидна дека нема магично, ниту брзо решение на проблемо со загадениот воздух кој го дишеме. Загадувањето доаѓа од многу страни и потребни се многу пристапи.
„Јавни објекти во Скопје кои се загреваат на нафта за домаќинство и мазут има најмалку 100. Барем ние толку успеавме да пронајдеме. Сигурно има уште… Количината на мазут и нафта за домаќинство која тие ја согоруваат е голема. На пример, ЈСП во своите автобази, Железници транспорт и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација ќе согорат стотици илјади килограми мазут сезонава. Со нафтата за домаќинство пак која се гори во една сезона може да се наполни повеќе од олимписки базен. А тоа потоа го дишеме. Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство! На нафта за домаќинство се огромен број на училишта, градинки и болници во целиот град. Дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле користи нафта за домаќинство. Во скопската котлина една јавна установа – затворот Идризово, ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање. Сето тоа заедно исто така придонесува за загадувањето на воздухот!“, велат од иницијативата.
Заклучуваат дека за да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив, но за да се промени начинот на греење кај институциите е полесно. Потребна е главно политичка волја и одлучност да се пристапи кон решавање на проблемот и таму да се насочат сериозни пари од буџетот.
„Ова е причина повеќе, покрај другите мерки, и да се продолжи со проширувањето на мрежата за парно греење на која треба да се приклучат сите јавни институции кои имаат пристап до неа. Општините пак да работат на забрзана замена на начинот на греење на оние јавни објекти кои се во нивна надлежности, а на кои градското парно им е недостапно“, предлагаат од „Шанса за Центар“.
Македонија
СДСМ: Изјавите на Мицкоски дека бил доброволец во 2001 покажуваат дека е заложник на Апасиев

Милитаристичките изјави на претседателот Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ, во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна, покажуваат дека тој е заложник на Апасиев, велат од СДСМ.
Владејачката партија коментира дека Христијан Мицкоски е политичар без став и визија за стратешките прашања и делува против интересите на државата и на граѓаните.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ стануваат заложник на популистичките политики и потпалувачките реторики на Левица, кои се испречуваат на европскиот пат на државата и се натпреваруваат со нив во штетното политичко делување“, велат од СДСМ преку соопштение.
Мицкоски пред два дена му се спротивстави на претседателот на ДУИ Али Ахмети кој за време на средбите со граѓаните од Тетово во својот говор рече дека на украинската делегација ѝ кажал дека треба да бидат искрени и ќе победат исто како што тие ги победиле Македонците.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека како доброволец во 2001 година го нема тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна и oти Ахмети на украинската делегација требало да ѝ каже и за колку стотици милиони евра е зголемено богатството на неговата фамилијаи на луѓето што го опкружуваат на сметка на инвалидите, кои го загубија животот.