Македонија
Уапсен еден од убијците на припадникот на АРМ во Батинци, обвинителството поведе истрага за двајца соизвршители

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.
На наведеното место пристигнале со автомобил “Опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две за сега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените.
Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство.
Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди.
„Наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултираа со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите. Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор.
Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот“, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.