Македонија
Угриновски: Го доставивме законот за амнестија до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ – на потег е Мицкоски
Единствена Македонија до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија по скратена постапка.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе изготват закон за амнестија за настаните од 27 април минатата година. Го потсетуваме Мицкоски дека нема потреба од такво нешто бидејќи веќе постои готов закон за амнестија изготвен од Единствена Македонија. Овој закон трипати го поднесуваме во Собранието, а Талат Џафери трипати ни го враќа поради лична суета и нервоза бидејќи има фуснота во која пишува дека Единствена Македонија не го признава Талат Џафери за претседател на Собранието сè до одлуката на Уставниот суд за неговиот нелегален избор“ изјави Драган Угриновски, член на Извршниот комитет на Единствена Македонија и претседател на МПЗ „Тврдокорни“.
Како што вели Угриновски, Талат Џафери ги кршел Уставот и Деловникот на Собранието бидејќи ја кочел нивната иницијатива за амнестија поради, како што рече, лична суета и нервоза. Според Угриновски, Џафри не го доставува предлог-законот до пратениците, иако во согласност со Деловникот е должен во рок од три дена да го достави до сите пратеници и за тоа да ги извести како подносители на законот со што започнува законодавната постапка.
„Затоа, денеска во Собранието го доставуваме предлог-законот за амнестија и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи пратениците во согласност со Уставот и Деловникот на Собранието се овластени предлагачи на закон. Очекуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја започнат законодавната постапка во Собранието бидејќи Деловникот тоа го дозволува на секој пратеник, се разбира, доколку Мицкоски е искрен кога вели дека се залага за амнестија на нашите браќа Македонци и сестри Македонки што гнијат во занданите на Шуто Оризари.
Очекуваме законот да биде изгласан од сите пратеници, очекуваме од пратениците и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат народот и ќе дојде до надминување на поделеноста меѓу граѓаните и партиите.
Дотолку повеќе што граѓаните на 27 април во Собранието влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат конкретни лица и кој и да беше на местото на нападнатите, ќе се случеше истото бидејќи претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок.
Ова добива на тежина ако се знае дека на своевиден начин е потврдено при давањето на мандатот на Заев, бидејќи претседателот Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност.
Со законот се бара целосно ослободување од кривичен погон и запирање на постапките поради несправедливоста и апсурдноста да се гонат уставобранителите што влегоа во Собранието на 27 април со силна верба во одбраната на уставниот поредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Адвокатката на газда Деко од „Пулс“ бара надлежните да реагираат откако родителите на загинатите деца ја ставија на транспарент
Адвокатката Ивана Коцевска, која е бранител на прво и на третообвинетиот во процесот „Пулс“ денеска излезе со реакција, поради употреба на нејзиниот лик на транспарентите, кои ги носеа учесниците во денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани. На транспарентот таа е прикажана со куфери со пари како заминува во светот на покојниците, а пред пеколот ѓавол ѝ вели дека за таму пари не ѝ требаат.

Во продолжение следува реакцијата во Коцевска во целост:
„Во својство на бранител на дел од обвинетите во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, досега се воздржував од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите. Меѓутоа, откако јавно се изложи револт за мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17.03.2025год од одредени НН лица кои родителите ги оправдуваат, а согласно законот се подложни на одговорност, повеќе немам простор да се воздржувам. Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на РМ во заштита на нашата професионална должност пред се, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото“, стои во реакцијата.
Македонија
Семејствата на загинатите во „Пулс“ со порака: Правдата што доцни не е правда
„Правдата што доцни не е правда“ – ова беше пораката што денеска повторно одекна во Кочани, од блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на 36. по ред „Марш за ангелите“. Со маршот, семејствата уште еднаш ги потсетија институциите дека трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не смее да заврши во тишина, одолговлекување и заборав.
Маршот се одвиваше по веќе воспоставената рута, од „Паркот на револуцијата“ до зградите на Основното јавно обвинителство Кочани и Судот, каде што родителите јавно ги поставија своите прашања и упатија директни пораки до надлежните. Тие изразија поддршка и за лицата против кои е поднесена тужба од страна на синот на сопственикот на „Пулс“, поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, ден по трагичниот пожар, при што се бара отштета од 1,2 милиони денари.
Семејствата повторно потсетија дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, и неговиот син Михајло Јованов се меѓу првообвинетите во предметот за пожарот, за кој судската постапка е во тек. Во таа насока, тие побараа одговор и за тоа до каде е истрагата против полициските службеници кои биле присутни во објектот кобната вечер. Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред поднесувањето на оставката, најавуваше дека одлука за истрагата против околу триесетина полициски службеници ќе има до средината на декември минатата година, но и по повеќе од еден месец од тој рок, јавноста сè уште нема одговор.
„Доста е. Предолго Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја влече постапката што почна на 12 јуни 2025 година. Со месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност. Нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка. Ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана“, изјави Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова.
Дополнително, семејствата поставија и прашање како е можно лице поврзано со трагедијата, кое се споменува како осомничено или е дел од постапка, да може слободно да отуѓува имот без судска забрана и без јасна контрола на потеклото на средствата. „Ова не е лична прозивка, туку прашање за еднаквост пред законот“, порача блиска на една од жртвите.
На почетокот на маршот, со едноминутен молк беше оддадена почит и на Фросина Кулакова, млада дизајнерка која пред една година го загуби животот на пешачки премин во Скопје. Родителите нагласија дека „Маршот за ангелите“ е борба за правда за сите млади животи изгубени поради системски пропусти, неодговорност и незаконско работење.
Македонија
Сообраќајот во државата се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаб снег кој не се задржува на коловозот провејува на Попова Шапка, соопшти АМСМ и информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

