Македонија
Усвоен акцискиот план за спас на Преспанското Езеро и обезбедени првични финансии за негова имплементација
На вчерашната седница Владата го усвои акцискиот план за Преспанското Езеро на Министерството за животна средина и просторно планирање подготвено од воспоставената Експертска работна група (ЕРГ).
Акцискиот план содржи сет мерки кои детаљно се елаборирани, со утврден приоритет и дефинирана временска рамка на спроведување, придружени со проектирани финансии потребни за нивната имплементација. Акцискиот план е интегрален и ги дефинира сите важни фактори што ќе се вклучат со свои конкретни обврски и активности во неговата реализација, соопшти Министерството.
Експертската група составена од претставници на релевантните сектори на стручниот огран при МЖСПП, УХМР, академијата и невладиниот сектор во своите првични наоди како главни причинители за ваквата состојба ги утврди: климатските промени, тектонските појави и човековото дејствување.
„Сите овие активности директно условиле брзо спуштање на нивото на водите во езерото, а зголемените температури на воздухот, намалената влага и ветровите го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење големи количини вода. Сепак, не треба да се заборави дека варијациите на нивото на езерото се циклична појава. Во повеќе пишани документи од минатите 200 години, посредно или непосредно, може да се заклучи дека периодот на максимално и минимално ниво е со променливи периоди и се движи од 25 до 40 години.
Од тука, планираните активности се насочени кон постигнување две генерални цели, и тоа: подобрување на условите во животната средина со обезбедување подобар статус на водата, почвата и биодиверзитетот за да се заштити здравјето на луѓето и целиот екосистем на сливот на Препанското Езеро (квалитет на водите) и како втора цел – одржливо и ефикасно искористување на водата и контрола на нивото на езерото кое го делиме со уште две соседни држави и за што ќе треба заедничка координација, како и контрола и на подземните води (количина на водите)“, се наведува во извештајот.
Во правец на постигнување на првата цел Владата веќе ги задолжи надлежните институции утврдени во акцискиот план за Преспанското Eзеро да обезбедат финансиски средства за реализација на мерките на планот и донесе одлука за одобрување првични средства од буџетот за 2020 година во износ од 44.000.000 денари на општина Ресен, наменети за активности од акцискиот план за Преспанското Езеро.
Во исто време, Министерството за животна средина и просторно планирање ја обезбеди поддршката на Фондот за природа „Преспа-Охрид“ – ПОНТ за имплементација на акцискиот план преку пет тригодишни грантови за надлежните институции во заштитената област и главните надлежни фактори, во вкупен износ од 1.602.382 евра.
Изработените документи се достапни на веб-страницата на МЖСПП. Накусо, имајќи ја предвид итноста од дејствување, во согласност со акцискиот план, непходно е во најбрз рок да се преземат следните активности:
1. Уредување и чистење на крајбежниот појас на езерото,
2. Ажурирање на регистарот на бунари и воспоставување континуиран мониторинг на подземните води во преспанскиот слив според законските прописи и досегашни искуства,
3. Оптимизација и континуирано воведување контролирано црпење вода за наводнување на целата територија на подрачјето на Преспа во согласност со законските прописи и искуства,
4. Порибување на езерото со автохтони видови произведени во сливот на Преспанското Езеро со реставрација на дел од старите рибници во пределот на Езерани,
5. Итно одржување состанок на комитетот за „Преспа парк“, каде што ќе се разговара со албанската и грчката страна во врска со начинот на управување, следење, размена на податоци и преземање заеднички мерки со цел подобрување на состојбата со езерото,
6. Воспоставување заеднички меѓудржавен мониторинг за следење на квалитативната и квантитативната состојба на водите во сливот и на самото езеро кај сите три соседни држави,
7. Надградба и целосно функционирање на националната хидролошка, метеоролошка и мониторинг-мрежа за следење на квалитетот на водните тела во сливот и на самото езеро.
Во наредниот период, како што наведува МЖСПП, планирано е да почнат и редовни истражувачки активности на езерото, кои ќе бидат насочени кон: контрола на дното на езерата со батиметриски инструменти, хидромодул на езерото, тектонски истраги, истраги за истек на езерото и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

