Македонија
Успешно пронајдено изгубено лице на планината Скопска Црна Гора

Синоќа, беше успешно пронајдено изгубено лице на планината Скопска Црна Гора во координирана акција на АМСМ, МВР и на ЦУК, а по јавување на Германската служба за помош на пат. Изгубеното лице, бидејќи било странски државјанин и немало македонски телефонски број при животозагразувачката ситуација прво, за помош, се јавило во матичната држава, Германија, и така акцијата за негово спасување почнала, а потоа и успешно завршила во координираната акција за спасување.
Конкретно, по пријава од страна на дежурен вработен во АМСМ, а добиени податоци од Германската служба за помош на пат (којашто служба соработува и е слична со нашата АМСМ) во Центарот за управување со кризи ЦУК беше добиена информација дека е изгубено повозрасно лице (70 години – германски државјанин којшто зборувал и на турски јазик) после село Блаце, на планината Скопска Црна Гора во правец кон селата Брест и Танушевци, со координати дадени на АМСМ од страна на Германската служба за помош на пат.
Лицето немало јадено веќе еден ден и истото било уплашено за својот живот во мракот во планината. АМСМ имале контакт преку Германската служба за помош на пат за состојбата на изгубеното лице, но во момент на координацијата со Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) немале можност за контакт со лицето. Затоа од страна на АМСМ во ЦУК биле дадени и два странски телефонски броја од изгубеното лице. Во потрагата биле корисни и дел од информации добиени на 112 во ЦУК.
Инаку, според развојот на настанот, Регионалниот ЦУК Скопје, веднаш по вклучувањето во истрагата, известиле дека за пријавата, добиена околу 18:00 часот, за изгубеното лице на падините на Скопска Црна Гора бил воспоставен телефонски контакт со полициските станици (ПС) Мирковци и ПС Танушевци на коишто им била пренесена информација дека, согласно пројавените координати за изгубеното лице, истото е можно да се наоѓа во непристапен терен за што ќе има потреба од теренско моторно возило (со погон 4Х4) за да се стаса до лицето. Истовремено од ЦУК биле информирани и надлежните на Општина Чучер Сандево за нивно можно вклучување во потрагата согласно развојот на ситуацијата и потребите на потрагата.
Од ЦИК на МВР известија околу околу 19.30 часот дека потрагата по изгубеното лице на падините на Скопска Црна Гора завршила успешно и дека лицето е пронајдено. Практично, беше успешно пронајдено изгубено лице на планината Скопска Црна Гора во координирана акција на Германската служба за помош на пат, македонската АМСМ, МВР и на ЦУК
При потрагата беше вклучен и Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК при што беа прибрани дополнителни информации (од роднини што информираа за случајот) што би било можно да бидат корисни при конкретната потрага. Изгубеното лице било заглавено на планинскиот пат претходно со патничко моторно возило (пмв) „тигуан“, црвена боја со германски регистерски ознаки. Според дополнителните информации изгубеното лице продолжило да се движи пешки во правец, кон некоја куќа којашто ја забележал во далечината додека се стемнувало, на околу 15-тина километри оддалеченост од него, но дека не стигнал до неа и се изгубило, а по неговиот јавување за помош во Германија, акцијата за негово спасување почнала и успешно завршила во координирана акција на Германската служба за помош на пат, македонската АМСМ, МВР и на ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.