Македонија
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста од Законот за извршување
Уставниот суд на Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и создава правна непредвидливост во спроведувањето на извршните постапки. Судот оцени дека постои основано прашање дали со оспорените законски решенија се ограничува можноста за ефективно остварување на паричните побарувања кон државните органи, општините и јавните претпријатија, што може да доведе до повреда на уставно загарантираните права.
Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на државата, општините и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност. Дополнително, претседателот на надлежниот суд може да утврди кои предмети се неопходни доколку странките не се согласат.
– Член 218 – (1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. (2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба, гласи членот.
Судот смета дека одредбата е нејасна и непрецизна, бидејќи не утврдува кои предмети и права се сметаат за неопходни.
-Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, стои во соопштението од Уставен.
Според судиите, ваквата формулација може да ја направи извршната постапка практично невозможна, со што правосилните пресуди остануваат само на хартија.
Од Уставен велат дека е проблематичен и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на судот да одлучува што е неопходно за работа на должникот. Уставниот суд оцени дека овој став не може да опстои самостојно ако првиот дел од членот падне.
-Судот смета дека став 2 кој се надоврзува на став 1 сам по себе не може да опстои во правниот поредок без став 1. Покрај тоа, основано се постави прашањето за неговата содржина, според која претседателот на Судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, да има дискреционо право да одлучи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста, дополнуваат оттаму.
Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот. Воедно, како што велат оттаму, пред Судот основано се поставило и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот.
Иницијативата за поведување постапка е поднесена од Николче Митевски, кој го оспорува првиот став. Но, врз основа на расправата, Судот одлучил по службена должност да отвори постапка и за вториот став.
Во иницијативата бил посочен и пример на работник во комунално претпријатие кој добил правосилна пресуда за неисплатени пензиски придонеси, но не можел да наплати поради ограничувањата од членот 218.
Уставниот суд најави дека при носењето на конечната одлука ќе ги земе предвид последиците што евентуалното укинување би ги имало врз државните институции и јавните претпријатија кои се предмет на извршни постапки.
-При носењето на оваа одредба Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката, велат од Уставен суд.
Постапката била поведена на првата седница на Уставен суд одржана на 21 јануари 2026.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

