Македонија
Уставниот суд ја отфрли иницијативата за бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола”, тој веќе не постои

Уставниот суд денеска одлучи да ја отфрли иницијативата со која се бараше поништување на статутот и на програмата на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ – Битола.
По утврдената фактичка состојба, произлезе дека Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ – Битола е избришано од единствената база на податоци на Централниот регистар, односно не постои како правен субјект.
Во согласност со овие информации Уставниот суд забележа процесни пречки за да одлучува по иницијативата и со тоа исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за да ја отфрли иницијативата, информираат од таму.
Подносителот бараше поништување на актите со наводи дека оспорените статут и програма се спротивни на член 20 став 2 од Уставот затоа што според него се насочени кон разгорување национална или верска омраза или нетреливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството е партиски инструмент, реагира СДСМ на отфрлената пријава за директорот на АНБ

Јавното обвинителство се претвара во обичен инструмент на ВМРО-ДПМНЕ во нивната ПР стратегија, реагира СДСМ откако претходно денес беше отфрлена пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски, за фалсификат на сертификатот на англиски јазик издаден од училиште во Бугарија.
„Денешното отфрлање на кривичните пријави против Директорот на АНБ Бојан Христовски во најмала рака е несериозно, тенденциозно и политички мотивирано, особено поради фактот што веќе постојат најмалку четири пресуди од кои една за директорката на Дебарската болница, како и за директорки на две училишта кои признаа дека ТОЕФЛ сертификатот кои го добиле од јазичното студио „Јулија“ биле фалсификувани.
Трагично е да се чита соопштението на Јавното обвинителство во кое се обидуваат да го оправдуваат незаконското назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ со образложение дека „не добиле правна помош од Бугарија“. Како е можно истото јавно обвинителство да обезбеди докази во шест други предмети, но не и во случајот за Бојан Христовски?
Како е можно Коцевски од најлош и најкорумпиран обвинител, одненадеж да стане најдобриот обвинител?
Селективноста на правдата е одлика и политички потпис на ВМРО-ДПМНЕ од времето на поставување на судии и обвинители од тефтерчето на Гордана Јанкуловска, Никола Груевски и Михајло Маневски.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт, правда нема и не може да има. ВМРО-ДПМНЕ функционира по системот „кадија те тужи, кадија те суди“ со претходно напишани одлуки во Белата палата“, се вели во реакцијата.
Македонија
Собранието потпиша меморандум за соработка со музеите

Претседателот на Собранието Африм Гаши и директорите на Музејот на Република Северна Македонија, Борче Топуковски, и на Музејот на современа уметност, Тихомир Топузоски потпишаа Меморандум за соработка, со кој, меѓу другото, се истакнува улогата на културата и уметноста во општествениот развој и се искажува волја за развивање на свеста за унапредување на културните и уметничките вредности во зградата во која е сместен законодавниот дом.
Целта на Меморандумот е да се обезбеди зачувување на сите материјални и културни добра кои се наоѓаат во зградата на Собранието во изворна состојба, како и преземање на активности за спречување на дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане нивно оштетување, уништување, исчезнување, деградирање и противправно присвојување.
Собранието и музеите меѓусебно ќе соработуваат заради остварување на целите на овој Меморандум преку: изработка и спроведување на конзерваторски и реставраторски проекти за потребите на Собранието, без надомест; организирање и спроведување културни и изложбени настани и проекти; консултативни активности и взаемна размена на информации; формирање на заеднички тимови за изработка на регистар на уметнички дела и културно-историски предмети во Собранието; вклучување на страните потписнички во проектни активности од взаемен интерес и други области од заеднички интерес заради кои се заснова соработката.
Македонија
Пет месеци откако исчезна, Миле Тодоров виден кај планината Серта

Дваесет и осумгодишниот Миле Тодоров кој се води за исчезнат од јануари, наводно бил забележан додека се движел покрај планината „Серта“.
Во објава на социјалните мрежи, чијашто автентичност е потврдена од семејството и полицијата, се вели дека очевидец го забележал на планината Серта на релација Неготино-Штип. Бил ослабнат со долга коса и брада.
Се апелира доколку некој го забележи да пријави во МВР.
Миле последен пат бил виден на 30 јануари, годинава, во Марена, околу 10.30 часот. Во објавата за неговото исчезнување стои дека бил облечен во работничко одело, бело палто и црн елек.