Македонија
Утврден птичји грип кај живина во Македонија

Кај живина во село Мороишта, струшко, утврдено е присуство на високозаразната болест Авијарна инфлуенца, односно птичји грип тип АХ5Н8, информираше во понеделник директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.
Вирусот е високо патоген кај живината, но не претставува зооноза и не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана по јавното здравје кај луѓето.
„Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е констатиран во лабораториските анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со птичји грип и тоа во самото жариште да се уништи целокупната живина, нештетно да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција“, рече Поповски.
Донесени се неколку мерки и прогласени две заштитини зони под надзор, каде согласно по правилникот на терен се уништува целокупната живина и производи од живина што биле во контакт. На терен се активни 30 тимови по четири лица.
„Секоја живина што ќе биде угината ќе биде обесштетена. Веднаш ќе се прават записници и ќе се пополнува барањата за штета. Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети“, рече Поповски.
Кај живината, болеста предизвикува висока смртност и пад на несивоста.
Според професор Александар Додовски, позитивно е дека вирусот е откриен кај селски живини што дава време за реакција и целосно неутрализирање.
„Вирусот веќе од ноември 2016 година циркулира и е присутен во земјите од Европа. На вирусот му погодуваат ниски температури и го продолжуваат неговиот животен век до надворешна средина. Вирусот во фецес на температура од 4 степени може да опстои активен и до осум недели, додека во површински води на температура од 10 степени е активен од 100 до 120 дена. Значи дека сме во период на максимална активност на вирусот“, рече Додовски.
На новинарско прашање за постоење на активни забрани за увоз на живина, Поповски рече дека активни забрани има кон сите земји каде е појавен вирусот, но дека забраните не се однесуваат на цели држави туку на региони./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.