Македонија
Денот „Д“ – Заев телефонски ќе разговара со Ципрас, викендов постигнат напредок во преговорите
Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе се чујат телефонски за да разговараат за напредокот на преговарачкиот процес за спорот со името, дознава „Макфакс“ од високи дипломатски извори. Станува збор за долгонајавуваниот телефонски разговор меѓу Заев и Ципрас за финализирање на договорот, кој се очекуваше да се случи пред десетина дена.
Како што дознава „Макфакс“, доцна викендов на советничко ниво, двете земји преку нивните советници разговарале за одредени отворени прашања и постигнале напредок. Македонската страна понудила „креативни решенија“ кои го штитат идентитетот и јазикот на државата. По разговорот на советниците, премиерот Заев, шефот на дипломатијата, Никола Димитров и советникот Дане Талески дополнително се консултирале за унифициран став за прашањата кои сè уште не се затворени.
Преговорите, велат нашите извори, не се во фаза „земи или остави“. Вечерва двете страни предлагале можни решенија за одредени спорни прашања и ја потврдиле посветеноста за постигнување договор.
И грчкиот весник „Катимерини“ вчера потврди дека 95 отсто од преговорите се комплетирани и остануваат неколку важни детали пред да биде готов договорот. Доколку сè се одвива според планот, договорот треба да се најде во македонскиот парламент пред Самитот на ЕУ, а на референдум најверојатно во септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

