Македонија
Утре почнува законската обврска за задолжително носење зимска опрема

Утре почнува да важи обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март 2019 година. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување на законските одредби за управување со возило во зимски услови, кои возачите треба да ги почитуваат.
„Иако временските услови сѐ уште се стабилни, сепак во наредниот период се очекуваат минусни температури, особено во раните утрински и доцните вечерни часови. Појавата на голомразица на одредени осојни места, мостови, подвозници или надвозници е речиси извесна, а исто така сѐ почеста ќе биде и појавата на замрзнати коловози.
Со цел безбедно патување и безбедно пристигнување на саканата дестинација, РСБСП со потсетување за законските обврски што треба да ги почитуваат возачите. Имено, во согласност со член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини, кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. На секој возач што постапува спротивно на одредбите од овој член од Законот, ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови“, се наведува во соопштението на РСБСП.
Според истиот член од ЗБСП, како што се додава во соопштението, полициски службеник ќе му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите да направат зимска проверка и подготовка на своето возило, навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема, секогаш да ја носат во своето возило и правилно да ја користат бидејќи само на тој начин ќе се овозможат услови за безбедно управување со возилото во зимски услови и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 кг се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4х4) подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри.
Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил и притоа во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената оска.
Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што надминува 3.500 кг подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
Автобуси и товарни моторни возила што поради технички причини не може да постават синџири за снег на погонските тркала потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние што на својата бочна страна имаат ознака: MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Биди одговорен возач и почитувај ја законската обврска за поседување соодветна зимска опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николовски за Таравари: Тој сака во влада не поради уставните измени, туку поради математика или уцена

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на денешна прес конференција одговарајќи на новинарско прашање за изјавите и постапките на претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, истакна дека за жал од изјавите на Таравари не може да се извлечи заклучок и дека тезата дека АА влегува во владата за да се обезбеди уставно мнозинство од 80 пратеници е смешна, бидејќи сите се свесни дека такво мнозинство нема.
„Јас овој Арбен Таравари не го препознавам, познавам еден друг Арбен Таавари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Прво не можеме да извлечеме заклучок од изјавите. Не само што ги менува секој ден, туку и во едно исто интервју или изјава она што ќе го каже во првата минута, самиот го демантира во втората или третата. Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже, но јасно е дека сакаат да влезат во владата заради математика. На крај тоа е нивна одлука или негова одлука. Можеби е уценет, има и такви работи кои што се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова“ истакна Николоски.
Тој исто така додаде дека во една ваква ситуација на девастирачка економија, криминал и корупција кои цветаат во секој сегмент и дополнително национално понижување, оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори.
„Според нас во ваква ситуација која сега само е надополнета со случувањата со Бугарија, во ситуација на девастирана економија, на криминал и корупција кои што цветаат во секој сегмент и на дополнително национално понижување, оваа влада нема никаков легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори. Свесни сме дека во рамките на Собранието има пратеници кои што размислуваат различно од оваа влада, а формално се дел од владејачкото мнозинство. Тие пратеници очекувам во следниот период да се охрабрат и Македонија да оди на предвремени парламентарни избори. Така што опцијата е сѐ уште отворена“, заклучи Николоски.
Македонија
Николоски: Новата декларација од Бугарија е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција одговорајќи на новинарско прашање дали смета дека новата Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание значи нова провокација, вели дека таа е најдобриот доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што владата на СДСМ и ДУИ не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии.
Прво со овој предлог на Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на Бугарското народно собрание одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај. Тоа е прво, изјави Николоски.
Второ она кое што многу загрижува е што, да ја потсетам јавноста македонското собрание донесе Декларација во која што беа испишани таканаречените црвени линии кои што владата треба да ги почитува во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може какви декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од владата на СДСМ и ДУИ, нагласи Николоски.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ги преиспита тврдењата дека странски држави се вмешани во провокациите кон Македонија

Државата сериозно да ги преиспита наводите кои и самиот Пендаровски ги кажа дека здруженија, фондации, поединци и агентурни мрежи од странски држави се вмешани во креирањето на сите овие проблеми кои што се случуваат во државата и провокации со директно негирање на Македонија и македонскиот народ.
Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски додавајќи дека Владата потоа ќе треба да излезе со детален извештај со кој што ќе биде информирана македонската јавност.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ бара од финаниските институции на власта да го проверат финансирањето на дел од бугарските здруженија и внесот на странски пари, а најважно потеклото на тие пати со коишто овие здруженија во државата тераат антимакедонска политика.
Трета работа која што ја бара опозициската партија е државата, поточно владата на Ковачевски и Бујар Османи како премиер и министер за надворешни работи да се заинтересираат за делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча, соседна Албанија каде што во целата област живее мнозинско македонско население.
„Зошто досега не се побарани одговори за ова ниту од Еди Рама, нити од властите во Албанија на кои начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија кое што таму живее со векови“, праша Николовски.
Додаде дека владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на било кое отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротистават на отворената кампања против Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ порача до Македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат, вели Николовски.