Македонија
Утре и задутре изменет сообраќаен режим во Скопје поради „ФИС ролер ски куп Скопје“

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека утре и задутре, 23 и 24 септември, ќе се одржи меѓународна спортска манифестација „ФИС ролер ски куп Скопје“.
За таа цел Одделението за безбедност на патниот сообраќај при МВР во периодот од 8:45 до 10:45 часот, ќе преземе мерки за посебен режим со траса на движење од ул. Тодор Александров пред ОУ „Кочо Рацин“, право по локалниот пат до паркингот кај Средно Водно и понатаму до паркингот кај манастирот Св. Пантелејмон- с. Горно Нерези во Скопје, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
„ФИС ролер ски куп Скопје“ е во организација на Град Скопје, Агенција за млади и спорт, Скијачка федерација на Република Северна Македонија, Клуб за биатлон и нордиски дисциплини „Олимпик скии “ од Скопје и „Мунте“ – Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата ја проследи предлог-преговарачката рамка до Собранието

Владата на Република Северна Македонија на денешната 59-та седница ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија.
На седницата Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Милошоски ги претстави шесте забелешки кои ВМРО-ДПМНЕ ги посочи како клучни кон францускиот предлог

Претеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната прес-конференција подетално ги претстави шесте забелешки коишто ВМРО-ДПМНЕ ги има посочено како клучни кон францускиот предлог и за кои сметаат дека доколку се прифатат од страна на Владата можат да го подобрат квалитетот на овој предлог.
„Во двата документи коишто досега се достапни во јавноста, едниот е општиот став на ЕУ или т.н. преговарачка рамка, во тој документ имаме две забелешки, а тоа е во точката 3 зборовите ‘ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонски јазик’ да се избришат и да стои дека законодавството на ЕУ се преведува само на македонски јазик. И да нема никакви дополнителни декларации коишто би го обременувале јазикот или би го толкувале бидејќи ниедна трета држава нема право да толкува јазик на која било друга држава“ – вели Милошоски.
Во точката 5 од преговарачката рамка да се избрише последната алинеја којашто гласи:
„Имајќи го предвид горенаведеното, посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка вклучително и преку постигнување видливи резултати, спроведување на билатералните договори во добра волја, Договорот од Преспа со Грција, Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како и годишните прегледи за негово ефективно спроведување според член 12“, смета Милошоски и посочува:
„Ова е замка бидејќи годишните прегледи коишто се повикуваат на член 12 преведено на поедноставен јазик за јавноста значи билатералниот македонски – бугарски протокол којшто Владата сè уште го крие. И затоа сметаме дека не треба да го обременува овој документ бидејќи истиот нема да служи за постигнување стандарди туку ќе служи само некои политички конфронтации и тензии коишто нема да донесат добро ни на Македонија, ни на Бугарија, ниту, пак, на европските стандарди според Копенхашките критериуми“.
Во документот наречен „Заеднички став на ЕУ“ предлагаме 4 измени. Во точката 1 по зборчето „на“ да се избришат зборовите „првата фаза од“. Ова значи дека би сакале ние Македонија да не биде преседан и за Македонија да нема прва и втора фаза од почеток на преговорите затоа што во ваквиот документ очигледно е дека Македонија нема да ги почне преговорите во моментот кога членови на владата ќе имаат заедничка, фамилијарна фотографија со членови на ЕК. Туку со бришење на овие зборови да се знае дека почетокот на преговорите се склучува веднаш и не е поделен на фази – рече тој на прес-конференција.
Македонија
Претседателот Пендаровски во посета на Берово

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Берово го посети Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа, каде што беа пуштени во употреба кабинети за физикална и хидротерапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, минатата година Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија обезбеди финансиски средства во износ од еден милион петстотини и четириесет илјади денари, наменети за реконструкција на овој Дневен центар, односно за опремување на кабинетите и на сензорната соба.
Во Дневниот центар претседателот Пендаровски беше запознаен со начинот на кој функционираат кабинетите и сензорната соба, како и со очекувањата за нивниот придонес кон овозможување поквалитетна услуга и личен развој на корисниците.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од успешно спроведениот проект, нагласувајќи ја потребата од натамошно актуелизирање на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост, како и од континуирано подобрување на условите и грижата за најранливите категории граѓани, со цел унапредување на нивните права и достоинство. Во тој контекст упати благодарност до кинеската амбасада за севкупната поддршка во реализацијата на проектот којшто е од исклучителна важност за овој регион.
Претходно, претседателот ја посети Територијалната противпожарна единица Берово каде што се сретна со пожарникарите и со дел од волонтерите коишто учествуваа во справувањето со пожарите што минатата година го зафатија регионот. Претседателот Пендаровски беше информиран за предизвиците со коишто се соочуваат пожарникарите, за опремата со која располагаат, како и за капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица ефикасно да одговори при евентуални непогоди во тековниот период.