Македонија
Утрово најстудено во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -2 степени, 0 било на Попова Шапка и во Крива Паланка, 1 во Виница, 3 во Битола и Лазарополе, 4 во Штип, Тетово, Крушево, Кавадарци, Куманово и Маврови Анови, 5 во Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Прилеп и Демир Капија, 6 во Скопје-Петровец, Струмица и Велес, 7 во Претор, 8 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во седум часот утрово била 38 сантиметри на Попова Шапка, 23 во Маврови Анови.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Умерено до значително облачно, по одделни котлини со појава на магла и ниска облачност. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Времето денеска
Променливо облачно, претпладне со појава на магла и ниска облачност по одделни котлини. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремен локалeн дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен, а во југозападните делови повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје променливо облачно, претпладне со појава на магла, а кон крајот на денот со повремен слаб дожд. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Нема да ги гласаме интерпелациите на ДУИ, не се потребни нови поделби по етничка основа
Оливер Спасовски од СДСМ денеска на прес конференција истакна дека СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите поднесени од ДУИ, затоа што не се потребни нови поделби по етничка основа.
„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби меѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелаците не смеело да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. За жал, аргументи и факти има колку сакате. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Но исто така и други настани со сквернавење на други симболи“, вели Спасовски.
Според него, постапувањето на институциите, исто како и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија не може да биде предмет на политичка интерпелација.
„Постојат закони, и ако тие закони се прекршени, мора да се постапува и некој мора да носи одговорност. Од друга страна, постојат многу други основани причини за интерепелација, особено за министерот Тошковски но и за многу други министри во Владата. Сега кај нас се поставува прашањето е зошто ДУИ не ги опфаќа овие основи за интерпелација на министрите. На пример нема ниту збор зошто не се преземаат мерки кои се под надлежност на министерот за екологија. Нема ниту еден збор за скандалите коишто се случија на косовската граница, за бегствата на Рамадани и Груби кои се под директна надлежност на МВР. Нема ниту збор за партиската чистка којашто се спроведува во институциите, во МВР, во безбедносниот сектор, за отпуштањата од работа на професионалците, за партиските распределби и незаконски разрешувања. Нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полицаец а беше ослободен од одговорност и веќе е унапреден. Исто така во интерпелацијата воопшто не се опфаќаат настани од безбедносен аспект, во сите градови Скопје, Штип, Прилеп, не прашува зошто е запалено возилото на началникот, на заменикот“, посочува Спасовски и додава:
„Сето ова говори дека намерите биле поинкави а тоа е отворање на нови етнички тензии. Во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби. Ова е стратегијата на ДУИ и ДПМНЕ уште од минатото, и оваа стратегија за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува и нема да бидеме дел од вакви игри. СДСМ премногу вложи во градење на меѓуетничките односи, и ако пред неколку години беше тема да се подобрат меѓуетничките односи тоа не беше тема и не треба да биде. СДСМ смета дека со градење на добри меѓуетнички односи, треба да се искористат сите можни капацитети и заеднички да се потрудиме Македонија да ја направиме европска и економски просперитетна држава. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта. СДСМ како пратеничка група и како партија секојдневно зборуваме и гласно се спротивставуваме на погрешните политики на власта и во собранието и надвор од него. Така и ќе продолжиме. Сите демократски инструменти кои што стојат на располагање ќе ги искористиме, одговорно и аргументирано, не заради дневна политика туку заради граѓаните и иднината на државата“.
Македонија
Тошковски: Нови управни служби во општина Желино, покажуваме дека институциите може да нудат брзи услуги
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Полициското одделение Групчин, општина Желино при што отвори нова канцеларија на Управните служби на МВР.
„Денеска сме во општина Желино и заедно со поддршка на локалната самоуправа и градоначалникот на Тетово. Во рамки на една заедничка идеја што ја имавме уште пред изборите, она што сме го ветиле го реализираме а тоа е го доближуваме услугите на МВР до секој еден граѓанин на Македонија. Истово го сторивме ова во општина Липково, општина Јегуновце, општина Сарај, еве сега и во општина Желино. Во рамки на Полициското одделение во Групчин, отвораме Управни служби на МВР каде што сите оние граѓани кои се околу триесеттина илјади заедно со нашите иселеници ќе може во рамки на својата општина, поблиску до својот дом, да си ги остварат сите оние права коишто се во делот за вадење на лични документи како пасоши, лични карти и возачки дозволи. Покажуваме дека можело поинаку од она што било претходно. По информација на градоначалникот на општина Желино, повеќе од 7 години е барано во рамки на ова полициско одделение да бидат отворени управни служби. Секој македонски граѓанин заслужува да си го добие услугите од МВР и сите останати институции на достоинствен, брз и ефикасен начин.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека во иднина ќе продолжи со ваков тип проекти за да се покаже дека навистина институциите можат да покажат грижа за сите граѓани на Македонија.
Македонија
СДСМ: Николовски, наместо да презентира нови иницијативи, се претвори во промотор на авиолинии
„Николовски без визија за развој промовира речиси завршени инфраструктурни проекти од СДСМ. По шест месеци на власт, ДПМНЕ, освен промоции на веќе почнати проекти од времето на владата на СДСМ, не понуди и не почна ниту еден нов капитален проект во патната инфраструктура“, велат од СДСМ.
Според нив, ова е јасен показател за недостигот на ДПМНЕ од идеи и визија за развој.
„Министерот Николовски, наместо да презентира нови иницијативи и планови за инвестирање во патната инфраструктура, се претвори во промотор на авиолинии, што е само рутинска обврска со авиокомпаниите, а не капитална инвестиција. Очигледно е дека капацитетот на Николовски и ДПМНЕ е ограничен на промоција на проекти, кои над 90 % беа реализирани за време на владата на СДСМ. Пример за тоа е експресниот пат Куманово – Страцин – Крива Паланка за кој Николовски вели дека е пример за домаќинско работење. Министре Николовски, овој проект 90 % беше завршен за време на владата на СДСМ и вистината е дека токму СДСМ покажа како стратешки се инвестира и работи во интерес на граѓаните“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Доколку не беа блокадите од пратениците на ДПМНЕ, овој проект ќе беше завршен многу порано, дури и во текот на 2024 година. Инфраструктурата во истокот и североистокот доживеа вистинска експанзија токму за време на СДСМ, а во времето на ДПМНЕ беше заборавена и запоставена. Понатаму, околу 92 % од делницата Градско – Дреново и над 80 % од делницата Дреново – Фариш исто така беа реализирани благодарение на домаќинското работење на владата на СДСМ. Министре Николовски, СДСМ ви остави три завршени крупни инфраструктурни проекти за само да пресечете лента, но и тие, иако со над 90 % реализација, не можете да ги довршите. Граѓаните имаат потреба од реални капитални проекти за безбеден транспорт и економски развој. СДСМ секогаш ќе биде на страната на политиките кои значат еконоски развој и просперитет на државата“.