Македонија
Учениците од прво до трето одделение ќе одат во училиште, останатите ќе следат онлајн настава
Учениците од прво до трето одделение ќе почнат да одат во училиште, додека останатите ќе ја следат наставата онлајн, со два исклучоци, информираа на денешната прес-конференција министрите за здравство и за образование, Венко Филипче и Арбр Адеми.
Првиот исклучок е, доколку некој од родителите на децата од прво до трето одделение не се согласува, нивното дете ќе може да ја следи наставата и онлајн. Ова особено важи за децата кои имаат хронично болни родители.
„Кај децата од прво до трето одделение инциденцата е најмала, тие се асимптоматски и со лесна клиничка слика, покажаа нашите истражувања. Но, по барање на родителите овие деца ќе можат да ја следат наставата и онлајн. Во училниците не смее да има повеќе од 20 ученици, наставникот нема да смее да ја напушти училницата, односно ќе биде присутен цело време, а нема да има контакти меѓу една и друга група на ученици“, рече Филипче.
Адеми соопшти дека по барање на одредени општини, ќе се разгледува одделно можноста и учениците од трето одделение па нагоре, наставата да ја следат физички.
„По барање на општините, а во согласност со епидемиолошката состојба, ќе се разгледуваат барањата за реализација на наставата со физичко присуство и за тоа ќе се одлучува дополнително, за секоја општина одделно“, рече Адеми.
Тој додаде дека ќе се доделуваат IT-уреди за децата од социјално загрозени семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

