Македонија
Училиштата не може да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите: набавките за униформи за учениците, за фотографирање и за ужина се нетранспарентни
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките што се финансираат со пари од родителите во училиштата“.
Доцнењето на Министерството за образование и наука (МОН) да изготви подзаконски акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавните набавки, им овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција, е констатирано во извештајот.
Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила, кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите бидејќи МОН за нив има донесено процедури уште во 2014 година.
Најголем дел од училиштата не може да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставија одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките.
Во Република Северна Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци може да се процени дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра. Ова, секако, е огромна сума пари за кои не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците.
Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

