Македонија
Фактот што среде изборна кампања се случува ваков атентат, е сериозна закана за демократијата и безбедноста во државата: Адеми за вооружениот напад
Длабоко сме загрижени и потресени од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на советничката листа во Општина Липково, д-р Зеќирија Шахини, кој беше застрелан од маскирано лице и ранет.
За среќа, неговиот живот е надвор од опасност, но самиот факт што во сред изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата, истакна денеска потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Ова, како што оцени, не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин кој има за цел да создаде несигурност, страв и тензии.
„Остро го осудуваме овој варварски и криминален акт и бараме итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции – особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни.
Додека МВР информира дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“, првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери јасно укажуваат на директен напад од вооружено и маскирано лице кое делувало со јасна намера да му го загрози животот на нашиот кандидат“.
Ова, додава Адеми, не е обичен случај, туку настан со силни индикации за атентат, и порачува дека мора да се третира како таков.
„Нашите барања се јасни и легитимни: Да се преземе итна акција, без одложувања и без политички калкулации; Да се идентификува и уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на овој напад; Јавноста да биде навремено и транспарентно информирана, бидејќи безбедноста на граѓаните е државно, а не партиско прашање.
Овој случај не смее и не може да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти.
Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата.
Доколку е можно политички кандидат да биде нападнат со огнено оружје во сред изборна кампања, во сред град, тогаш ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден“.
Предупредува дека толерирањето на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции.
Упатува повик до Владата, МВР и Јавното обвинителство веднаш и сериозно да постапат како гаранти на редот и законот.
„Ќе останеме решителни на патот на законитоста, зрелоста и политичкото достоинство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

