Македонија
Фетаи за трошоците од прегласувањето во Струмица: И еден денар да е во прашање, направена му е штета на буџетот

Судењето за „Титаник 2“, кое се однесува на изборни нерегуларности од локалните избори од 2013 година, продолжи со наодите на вештакот Љубомир Атанасовски повикан од страна на одбраната за трошоците што произлегуваат од повторното гласање на изборите на гласачко место 1727 во Струмица.
Одбраната образложи дека вештото лице Атанасовски е ангажирано да направи вештачење за трошоците за повтореното гласање во Струмица од причина што сметаат дека пресметките од страна на вештакот на специјалното јавно обвинителство се погрешни.
Според наодите на вештото лице ангажирано од СЈО за трошоците на повтореното гласање што се наоѓаат и во обвинението за предметот стои дека со одлуката да има поништување и повторно гласање на гласачкото место 1727 во Струмица, направена му е штета на буџетот на РМ од 146.824 денари. Според пресметките на Атанасовски, пак, трошоците за прегласувањето на ова избирачко место чинат 32.315 денари, што е разлика од 114.509 денари.
Како што рече техничкиот советник на одбраната, Љубомир Атанасовски, пресметките се направени врз база на документите од ДИК. Односно, во пресметките се ставени трошоците за печатење на 1.082 гласачки ливчиња, чија цена на едно ливче е 4,85 денари и според тоа се доаѓа до сумата 5.248 денари потрошени за печатење на гласачките ливчиња.
Во пресметките се ставени и печатење на Избирачкиот список, надоместоците на сите лица од избирачкиот одбор, односно претседателот, заменик-претседателот, четири члена и четири заменици на членовите. Транспорот на избирачкиот материјал исто така е пресметан во трошоците за повтореното гласање.
Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, за време на изведувањето на наодите на Атанасовски ѝ се обрати на одбраната со зборовите: „И еден денар да е во прашање, пак му е нанесена штета на буџетот на Република Македонија“.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Според обвинението на СЈО, Мијалков преку телефонски разговор побарал од лидерот Тачи да му каже на претставникот од ДПА во Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, на седница на комисијата да гласа за прегласување во едно избирачко место во Струмица.
На локалните избори во 2013 година кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица беше пратеникот Васил Пишев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.