Македонија
ФЗОМ предупредува за сериозна фишинг-измама, која се одвива преку лажната веб-страница fzom.net

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги известува граѓаните за сериозна фишинг-измама, која се одвива преку лажна веб-страница со адресата fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.
Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите:
· лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса);
· податоци за здравствено осигурување;
· податоци за банкарски сметки и кредитни картички;
· кориснички имиња и лозинки.
ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.
· Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци;
· Не отворајте линкови од сомнителни е-пошти или пораки;
· Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого;
· Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица;
· Официјалната веб-страница на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување банкарски податоци.
ФЗОМ извести дека веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама.
ФЗОМ апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги заштитат своите лични податоци од ваквите измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ откако најави ново делување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додава тој.
Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.