Македонија
ФЗО со отворен дијалог со здруженијата на пациенти – средбите ќе бидат постојана пракса од работата на Фондот
„Почнување дијалог со здруженијата на пациенти е приоритет на Фондот за здравствено осигурување. Во текот на вчерашниот ден од страна на Граѓанскиот ресурсен центар беше организирана средба со 20-ина здруженија на пациенти. Беа отворени теми за проблемите со кои се соочуваат пациентите, како што се снабдување со лекови и достапност на услугите“, велат од ФЗО.
Од страна на директорот на ФЗО, Сашо Клековски, беше посочено дека важно ни е да се отвори канал на комуникација со пациентите за да може здравствениот систем да биде поефикасен и подобар.
„Само со транспарент однос може да се гради доверба, да се решаваат наталожените проблеми и да има резултати“, истака Клековски на состанокот.
„Граѓанските здружение на пациенти дадода предлози за да се подобри достапноста на здравствените услуги, кои се однесуваат на делот онкологија, бубрежни заболувања, ретките болести. Се отворија теми за проблемите со породилни отсуства на жени што се занимаваат со земјоделство, проблеми со здравствено осигурување на затвореници, како и потребата од ревизија на позитивната листа на лекови и специфични предлози за начинот на набавки на лекови“, велат од ФЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За еден месец има шест пријави за врсничко насилство, Јаневска најави измени за психолозите и педагозите да си ја работат само својата работа
Министерството за образование, изминатиот месец, од почетокот на школската година, добило шест пријави за врсничко насилство, извести денес министерката Весна Јаневска. Таа побара меѓуресорска соработка за успешно справување со оваа појава и ставање фокус на менталното здравје на младите за што се потребни понови и помодерни решенија оти предизвиците се менуваат со секоја нова генерација.
„Оваа учебна година има 6 пријави за врсничко насилство и ние постапуваме по нив, меѓутоа значајно е да се нагласи дека е неопходна меѓуресорска соработка од повеќе министерства, од невладини организации и стручни лица, но од особено значење е кога и самите млади се вклучени во процесот и секогаш е добро да се слушнат и заеднички да изнаоѓаме најповолни решенија за да се грижиме за здравјето на младите“, рече министерката Јаневска пред почетокот на тркалезната маса за менталното здравје на младите со посебен фокус на училишната средина организирана од Здружението на граѓаните „Младите можат“.
Јаневска смета дека државата има систем кој води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата и преку педагошката служба во Министерството за образование. Училиштата се обврзани да имаат стручни служби и тие најчесто имаат психолог и педагог, но може да бидат и проширени и со дефектолог и со социјален работник во зависност од можностите и големината на училиштата.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава, поради овие шест пријави и неколку други настани, секогаш испраќа препораки за постапување во однос на одредени конкретни случаи. Службите изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата и според тој план, во одредени часови, користејќи го и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај, тогаш се прави измена во тој план и се работи со децата и понатаму“, рече министерката Јаневска.
Во ретки случаи кога ќе се појави проблем кој станува поголем, Јаневска вели дека е потребно вклучување на Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучување на Министерството за внатрешни работи или барање лекарска помош.
Министерката најави измени во сегашните законски решенија, кои ќе овозможат психолозите и педагозите да се посветат на својата стручна работа наместо да заглавуваат во административни обврски и во помагање во работата на другите колеги во училиштата.
„Новите законски решенија ќе им овозможат да си ја работат сопствената работа. Ќе инсистираме да бидат многу повеќе присутни во училиштата со својата стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со кои треба да се работи, родители на кои им е потребна и некоја друга помош, и тоа не само за проблематичните деца туку од некои други причини. Има многу работа за стручните служби. Полека воспоставуваме систем во кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа. Се разбира, колегијалноста секогаш е присутна, некогаш ќе помогнат и на колеги и на директори, но ќе бидат фокусирани на својата стручна работа“, вели министерката Јаневска.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека обврска на неговиот ресор е грижа за ученикот надвор од училиштето, во неговиот дом, во семејството. Најави дека многу бргу ќе имаат систем што ќе дава целосна слика за семејствата приматели на права од социјална заштита заедно со услугите што ги даваат центрите за социјална заштита, кој ќе им даде не само статистички податоци туку и основи за градење социјални политики.
Македонија
Трајчулески: За ДПМНЕ, партиските интереси се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот
Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот, па место да ја продолжи постапката за носење закон за основање Агенција за безбедност на патиштата, ним поважни им се кадровските промени во составот на советот, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница.
– За какви реформи зборува ДПМНЕ, кога законот за изменување и делување на безбедност во сообраќајот на патиштата, кој го предлагаат, има единствена цел-промена на персоналниот состав на советот. Овој начин на кадровски промени стана пракса и мантра на владејачката коалиција. Во образложението на законот е наведено дека една од причините за оваа измена е уредување на бројот на членови на советот како и условите за именување на претседател, без притоа да се наведат соодветно образование или пак, работното искуство од областа на безбедноста во сообраќајот на патиштата, рече Трајчулески.
Јасно е дека за власта поважни се политичките калкулации одошто безбедноста на граѓаните во сообраќајот. И со донесувањето на вакви законски решенија, објасни Трајчулески, се прави опасен преседан со големи последици.
– Ако зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата, зборуваме за човечки животи и тука најмалку тука треба да тераме политика. Она што очекував од новата влада е да ја продолжи постапката на СДСМ, за носење на законот за основање на Агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата. Реформски закон кој долго време беше работен во рамките на министерството за транспорт, каде беа вклучени сите релевантни институции и со поддршка на експерти од ЕУ и за кој остана да се завршат финалните усогласувања. Тоа е реформата за која сите треба да се залагаме. А, не главна цел да бидат кадровските промени во составот на советот за безбедност на сообраќајот на патиштата и политичките интереси и калкулации на власта“, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.
Македонија
Средба на министерот Владо Мисајловски со амбасадорот Црна Гора, Зоран Миљаниќ
Министерот Владо Мисајловски, денеска, во Министерството за одбрана оствари средба со амбасадорот Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
Мисајловски му посака успешна дипломатска мисија на амбасадорот Миљаниќ и изрази задоволство од досегашната билатерална одбранбена соработка со Црна Гора.
На средбата се разговараше за продлабочување на сојузничката соработката меѓу двете земји и за интензивирање на интегративните процеси за пристапување кон Европската Унија со една цел – стабилен, безбеден и просперитетен регион.