Македонија
Физикална терапија кај пациентите со Ковид-19 за подобрување на психофизичкото здравје
Третманот на пациенти болни од Ковид-19 бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап од првата средба со здравствениот работник, па сè до неговото заминување.
Од Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека секој пациент добива третман соодветен на неговата здравствена состојба. Кај пациентите кои се хоспитализирани на Инфективната клиника освен терапиите против Ковид-19, неизоставен дел од лекувањето е и физикалната терапија, која придонесува за подобрување на психофизичкото здравје и подобрување на функцијата на респираторниот систем.
Физикалната терапија на пациентите кои се хоспитаизирани на Клиниката за инфективни болести поради Ковид- 19 вообичаено се состои од два сегмента: физикална терапија за локомоторниот апарат и физикална терапија за респираторен систем или таканаречена респираторна гимнастика.
„Повеќе фактори влијаат врз одлуката со каков третман на физикална терапија ќе се пристапи кон пациентот. Според клиничката слика на локомоторниот апарат, има три групи пациенти – подвижни пациенти, тешко подвижни пациенти и неподвижни пациенти. Додека, пак, според оштетувањето на респираторниот систем предизвикано од Ковид-19, истите може да се поделат на лесно болни, средно болни и тешко болни. Согласно горенаведените поделби на пациентите и различните комбинации од клинички слики и оштетувања, се комбинираат различни типови вежби. Зависно од менувањето на состојбата на пациентот се менува и пристапот на физиотерапевтот кон пациентот“ – објаснува Велимир Тричковски, физиотерапевт кој работи со пациентите со Ковид-19 хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Тричковски објаснува дека за да се постигне максимален ефект и да се оспособи пациентот за релативно нормално функционирање во домашни услови, интензитетот на вежбите за локомоторниот апарат последните денови од престојот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби може да се зголеми по консултација со лекар.
Респираторната гимнастика (вежбите за дишење), вели тој, се изведува за превентивни и тераписки цели.
„Кај пациентите со лесна клиничка слика се препорачува пациентите сами да ги изведуваат вежбите неколку пати во текот на денот со цел да се зајакне мускулатурата вклучена во процесот на дишење. Кај средно-тешките болни, респираторната гимнастика се изведува исклучиво под надзор на физиотерапевт за да се следи моменталната состојба на организмот (сатурација, пулс, притисок, број на респирации). Кај тешко болните пациенти коишто дишат со помош на маска за висока концентрација на кислород се советува длабоко и бавно дишење, а кај пациентите кои се поставени на механичка вентилација вежбите за дишење не се изведуваат“, додава Тричковски.
Поради непосредниот директен контакт физиотерапевт – пациент и создавањето близина и чувство на сигурност, физикалната терапијата има голема улога во подобрување и одржување како на физичкото така и на менталното здравје кај пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.
Македонија
Костадинов: Одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ
„По доволно поминато време и по донесена лична одлука, одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ“, извести преку социјалните мрежи, Костадин Костадинов, поранешен градоначалник на Струмица.
„Сакам јасно да нагласам дека останувам зад сите мои претходни ставови и позиции по однос на бројни прашања од јавен интерес и дека овој чекор не значи нивно менување или повлекување.
Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно.
Единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во имe на секој еден социјалдемократ“, додаде тој.
Македонија
Средба на министерот Сали со грчката амбасадорка Филипиду: нагласена важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ
Министерот за европски прашања, Беким Сали, денес оствари средба со Амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.
На средбата се разговараше за приоритетите на министерот Сали во процесот на европска интеграција, вклучително и забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за Реформската агенда и Реформско-растечкиот механизам.
Министерот Сали ја нагласи важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.

Разговорот беше посветен и на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамки на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година), преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.
Министерот Сали и амбасадорката Филипиду ја оценија како исклучително важна соработката во рамки на INTERREG IPA Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Грција, истакнувајќи ги проектите кои придонесуваат за подобрување на јавната инфраструктура, заштита на животната средина, развој на образованието и иновациите, како и зајакнување на локалното и регионалното управување во прекуграничните области.
Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ, министерот Сали ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.

На крајот од средбата, двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка, во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи.

