Македонија
Филипче: Владата не прави ништо, го запре процесот на зголемување на платите

Владата не прави ништо, го запре процесот на зголемување на платите, не прифаќа никакви предлози кои се во интерес на граѓаните за да се намалат цените и сметките за струја, граѓаните страдаат од нивната неспособност, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во Крива Паланка.
„Излегува премиерот и вели дека сме одлични во економијата, први сме. Одлични и први сме во што? Во тоа што струјата поскапе за 30%? Во тоа што цените во маркетите растат неконтролирано?„, праша Филипче.
Тој потенцираше дека Владата не прави ништо за да ја спречи економската нестабилност.
„Во една тешка економска ситуација, треба да растат платите, да има контрола на цените, да има поддршка за компаниите, да се спасуваат работни места. Но, оваа Влада ништо не прави. Немаат желба да седнат ниту на економско-социјален совет, ниту да примат било каков совет за да направат нешто во интерес на граѓаните„, нагласи претседателот Филипче.
Неспособноста на владејачката гарнитура е очигледна а граѓаните страдаат поради таа неспособност.
„Ниту премиерот, ниту некој од министрите, ниту било кој од неговиот најблизок тим има искуство во менаџирање на големи системи. Ништо никогаш не менаџирале. Сега се учат, ама лошо се учат и тешко дека ќе се научат,“ заклучи Филипче.
СДСМ ќе продолжи да се бори за економски мерки што ќе ги заштитат граѓаните и ќе обезбедат подобар животен стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почнува реновирањето на Клиниката за гинекологија

Премиерот, Христијан Мицкоски, утре ќе присуствува на почеток на комплетно реновирање и реконструкција на амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети на Клинички центар „Мајка Тереза“ ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство во Скопје.
Од Владата информираат дека реконструкцијата е во износ од 29.000.000 денари со што, како што пишува во соопштението, ќе се создадат услови за поефикасна дијагностика и лекување на пациентите.
Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.
Македонија
Средствата од заемот од Велика Британија ќе се враќаат по реализација на проектите

Средствата од заемот од Велика Британија ќе се враќаат по реализација на проектите. Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што Македонија што позајмила претходно.
„Македонија добива најголем обем на средства досега за капитални проекти и со најдобри можни услови што може да се обезбедат во овој момент. Финансирањето ќе биде врзано со проектот, односно средствата ќе се враќаат откако проектот ќе се реализира и ќе почне да ја враќа инвестицијата“, објасни Николоски.
Прв бран на проекти што ќе се реализираат со договорот Влада со Влада со Обединетото Кралство се изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија, изградбата на клиничка болница во Штип, изградба на нов медицински факултет во Штип и студенски дом со 200 легла во Штип, понатаму реконструкција на клиничката болница во Тетово и изградба на болница со здравствен дом во Кичево, истакна вицепремиерот Николоски.
„Од четирите чекори, првиот веќе го имаме тоа се проектите. Сега одиме на прaвната рамка која што ќе ја завршиме во четврток и потоа набрзо да го ратификуваме Договорот во Собрание. И врз основа на тоа потоа одиме на финансирање. Нема да се работи за фиксно финансирање туку тоа ќе биде врзано со проектот. Кај некој проекти рочноста ќе биде пократка кај некои подолга, тоа ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџетот, од самиот проект итн. Тоа е прво, второ е тоа што се водевме од интересите на државата и во таа насока две работи се сигурни. Едно што волку средства ниту една друга меѓународна финансиска институција не е во можност воопшто да и ги понуди на Македонија, без ралика на каматна стапка, роковите за враќање итн. Второ е дека условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што Македонија што позајмила претходно. На наше инсистирање, средствата ќе ги враќаме откако ќе ги реализираме проектите, односно, грејс периодот да го врземе со периодот на завршување на проектите со цел проектот да носи пари а во здравството да носи бенефит во здравствената заштита”, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека ова е поттик за останатите државни институции да креираат проекти кои ќе бидат подготвени за финансирање.