Македонија
Филипче: Граѓаните мора да прифатат дека ваквата реалност ќе трае подолго од што се очекуваше
Новиот бран на коронавирус кај нас дојде порано, граѓаните мора да прифатат дека ова ќе трае подолго од што се очекуваше, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој на денешната прес-конференција сподели и информации и анализи од Институтот за јавно здравје за последните две недели.
„Од последниот извештај од 20 до 28 јуни, споредено со претходната недела, регистрирани се 303 помалку нови случаи, 8 помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени пациенти.
Изминатата недела има 860, што е значајно помалку од 1.000 случаи во просек во минатите три недели“, рече Филипче.
Тој појасни дека R-нула факторот на преносливост во изминатите 10 дена, само два-три дена бил над 1,1, а целиот период бил околу 0,9.
„Најзастапени се возрасните лица над 60 години со 26 проценти. 44 проценти од нив биле лица со претходни хронични заболувања. Апелирам возрасните и хронично болните да бидат исклучително внимателни. Смртноста во оваа група е и највисока“, рече Филипче.
Повеќето од регистрираните случаи се од Скопје, кое е најголемо жариште на вирусот.
Тој го истакна растот на новите случаи на Ковид-19 во земјите од регионот.
„СЗО извести дека 60 проценти од случаите на 10 милиони пациенти од светот се регистрирани во јуни. Тоа значи секаде има нов бран, а кај нас дојде малку порано. Состојбата во светот исто така пoкажува дека вирусот во текот на летото нема да исчезне. Светската статистика говори дека има пикови на новозаразени и починати, вирусот е тука и ќе остане подолго време, а ние треба да бидеме подготвени“, рече министерот Филипче.
Тој додаде дека граѓаните мора да прифатат дека ваквата реалност ќе трае подолго од она што сите земји во светот го очекуваа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

