Македонија
Филипче: Дали се однапред договорени фирмите блиски до власта кои ќе работат на проектите од заемот

Владата на ВМРО-ДПМНЕ тргна по еден пат кој што не знаеме каде не води, со економски политики кои, како што предупредуваат експертите, не водат во амбис, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот состанок со општинската организација во Желино.
Во обраќањето, Филипче укажа на лошите владини политики во делот на финансиите, потенцирајќи дека новото задолжување од 6 милијарди евра, за кое Владата ги крие деталите, е ризично и драстично ќе го зголеми јавниот долг.
„Не знаеме какви се роковите, колку се каматите, дали се споредил тој кредит и тој извор на средства со некој друг, дали навистина Владата избрала најповолен извор на средства. Зошто шест милијарди евра и толку драстично да се зголеми јавниот долг? Јавниот долг ќе надмине 100% и тогаш нема да имаме фискален простор буквално за ништо“, рече Филипче.
Тој додаде дека со новото планирано задолжување, практично се задолжуваат сите следни генерации.
Филипче изрази сомнеж за транспарентноста на ова задолжување, осврнувајќи се на изјавите на министерката за финансии: „Министерката вели дека Законот за јавни набавки ќе важи, ние проверивме и нема да важи. Што значи, се поставува прашањето дали е однапред договорено кои фирми ќе го работат тоа?“, праша Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека досегашната реализација на капиталните проекти е поразителна, што укажува на тоа дека Владата нема капацитет да ги искористи парите од централниот Буџет и да ги реализира планираните капитални инвестиции.
„Веќе е средина на годината, а не е ни 30% реализацијата на капиталните проекти. Единствено нешто на што се работи е Гостивар – Букојчани, делот од автопатот на Бехтел и Енка, кој ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаше дека е најкоруптивен, но еве продолжува да се работи. Се поставува прашањето: има ли Владата капацитет? Во нашиот буџет има милијарда и 200 милиони евра за проекти кои не се остваруваат, не се реализираат. А што ќе правиме со други шест милијарди евра? Џабе ќе стојат, само камати ќе плаќаме, нема капацитет за реализација“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утрово ведро и посвежо, преку денот ќе биде сончево и потопло

Во поголем дел од земјава утрово ќе биде ведро и посвежо, во источните делови променливо облачно со услови за слаб локален дожд. Преку денот времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 11 до 13 часот, корисниците од викенд населба село Кучково, општина Ѓорче Петров.