Македонија
Филипче: До 2.000 денари ќе се штеди месечно на храна, СДСМ поднесува закон за намалување на цените
Во насока на ублажување на ударот по стандардот на граѓаните и реално намалување на трошоците од месечната потрошувачка кошничка, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Предлог-законот го претстави претседателот на СДСМ, Венко Филипче според кого, измените ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари.
„Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ“, истакна Филипче на денешната прес-конференција што се одржа во Собранието.
Имајќи предвид дека учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, според Филипче, ефектите од намалувањето на ДДВ-то на нула проценти ќе донесе заштеда за граѓаните до 2 илјади денари месечно.
„Она што е најважно е дека за спроведувањето на предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
СДСМ преку консултации со експерти и бизнис секторот разви мерки кои го штитат стандардот на граѓаните без да ги оптоваруваат компаниите и како опозиција и понатаму остануваме посветени на заштита на нивните интереси, додаде Филипче
Тој ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да го поддржат законот, но упати и критика до владините политики кои ги оставија граѓаните со сè помали буџети за кои основните прехранбени производи станаа луксуз, а мерките за нивно поевтинување се сведоа на празни налепници и неефикасна ПР кампања.
„По еден месец, владината мерка за наводно поевтини основни прехранбени производи, се покажа како целосно неефикасна. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари додека истовремено платите паѓаат. Реалноста е дека голем дел од цените не се намалија, некои се намалија минимално, а за некои производи цените дури и се зголемија“, потенцира Филипче.
Претседателот на СДСМ потсети на ефективните економски модели што ги спроведуваше Владата на СДСМ, кои со само една мерка овозможија поевтинување на над 500 производи, или пет пати повеќе од сегашните резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Активни забрани за тешки товарни возила:
– Тетово-Попова Шапка
– КриваПаланка граничен премин Деве Баир
– Гостивар-Маврово-Дебар
– Гостивар-Стража-Кичево
– Пресека
– Плетвар
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција од страна на екипите на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Студен бран ја зафати Македонија, денеска обилен снег и силен ветер
Времето денеска ќе биде облачно и студено насекаде со врнежи од снег, а на места, особено во западните делови ќе бидат обилни, информира УХМР.
На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми (локално и над 50 см).
Позначителна снежна покривка (над 20 см) ќе се формира и во југозападните делови.
Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Минималните температури ќе се движат од -6 до 3, а максималните од -4 до 4 степени целзиусови.
Во Скопје ќе биде облачно и студено со врнежи од снег, повремено пообилни. Снежната покривка ќе се зголемува. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
УХМР издаде портокалов аларм за снежна бура во Македонија – обилен снег и силен ветер од вечерва
Голема промена на времето во Македонија.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека денеска во ноќните часови ќе има врнежи кои почнувајќи од север ке преминуваат во снег и во пониските места, а пообилни ќе бидат во втората половина од ноќта. До изутрина на повеќе места ќе се формира снежна покривка.
Утре (12.01) во текот на целиот ден ќе има врнежи од снег, а на места, особено во западните делови ќе бидат обилни (локално над 40 л/м²).
Снежната покривка ќе се зголемува, особено на планините (локално и за над 50 см).
Позначителна снежна покривка (над 20 см) ќе се формира и во југозападните делови. Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Повремени врнежи од снег ќе има и во понеделник, а потоа во следните денови ќе преовладува студено време со услови за провејување на слаб снег
Во Скопје почнувајќи од денеска во ноќните часови и во текот на утрешниот ден ќе има врнежи од снег, повремено пообилни. До утре изутрина ќе се формира снежна покривка која во текот на денот ќе се зголемува. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Повремен снег ќе има и во понеделник.
Поради ваквите временски услови УХМР издаде портокалов аларм за најголем дел од територијата на земјава.