Македонија
Филипче: Имаме скок на новозаразени, состојбата мора внимателно да се следи следниве денови
Од направени 332 теста изминативе 24 часа се регистрирани 33 нови случаи кои дополнително ќе се анализираат за да се утврдат причините за големиот број новозаболени, извести министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој нагласи дека сите мерки за заштита од коронавирусот остануваат на сила.
„Денес имаме еден скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме во следните денови за да видиме дали е случајност, некаква варијација или ќе биде некаков тренд. Тоа се резултати од само еден ден и не можеме ништо да заклучиме само од овие резултати од изминатите 24 часа. Ако се сеќавате, во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број новозаболени. Во еден момент имаше и над сто новодијагностицирани. Во таа смисла утре и в сабота ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат. Засега остануваат на сила сите мерки и апелирам сите граѓани да продолжат доследно да ги почитуваат“, рече министерот Филипче.
Утре на состанок на Главниот координативен штаб за справување со коронавирусот во Влада ќе се расправа за времетраењето на полицискиот час за време на претстојниот викенд, а од бројот на новозаболени во деновите што следуваат ќе зависи и најавеното олабавување на мерките. За олабавувањето на мерките министерот рече дека ќе се разговара в сабота кога ќе имаат поконкретна слика за причината за денешниот зголемен број заболени. Одлуките, нагласи дека ги носат исклучиво врз основа на два критериума, односно од бројот на новозаболени и од подготвеноста на здравствениот систем да ги прими и да ги третира.
Министерот Филипче се надева дека денешниот скок на бројот на новозаболени е само варијација имајќи предвид дека изминатите 14 денови процентот на новодијагностицирани бил сериозно мал.
На пат кон Инфективната клиника денес починал 70-годишен пациент кој бил во болницата во Велес од 4 мај, а поради влошената состојба требало да биде префрлен на скопската клиника.
Вкупната бројка на заболени од коронавирус кај нас од почетокот на епидемијата изнесува 1.572 пациенти од кои 1.079 оздравени, 89 починати и 404 активни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

