Македонија
Филипче: Ме згрози навредата на Кочовска кон Петровска
Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози, вели во објава на својот Фејсбук профил, претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување.
Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Често сме сведоци и на јавни исмевања и навреди од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, дури и на нејзиниот изглед. Тоа е нивната политичка култура – навреди, дискредитации и насилна реторика.
Но, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат.
Од ден во ден, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, сведочиме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката. Ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува.
Барам сите граѓани кои веруваат во демократските вредности да го осудат овој срамен чин. Не смееме да дозволиме омаловажувањето и навредите да станат новата нормалност. Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени“, напиша Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

