Македонија
Филипче: Пред 2-3 недели инфективните одделенија низ државата беа преполни
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека порастот на новозаразените од Ковид-19 се должи на непочитувањето на мерките.
„Ние бевме свесни дека доаѓа критичен период – есенски месеци кога ќе имаме пациенти коишто можно е да го преоптоварат здравствениот систем. Уште тогаш предвидовме дека е потребна рестрикција, рестриктивни мерки и го најавивме тоа за почетокот на месец септември. Ова е план којшто има и дополнителни мерки кои сметаме дека засега не треба да се воведуваат, но ја следиме ситуацијата. Имаме предвид дека доаѓаат и поладни денови, кога граѓаните треба да се штитат и од настинка и од грип, кога воздухот ќе биде загаден. Сето тоа се работи кои може да го оптоварат здравствениот систем. Мора граѓаните да се свесни дека штитејќи го сопственото здравје им помагаат на здравствените работници и здравствениот систем“, истакна Филипче.
Toj вели дека состојбата со капацитетите во болниците во моментов е стабилна и има доволен број на слободни болнички кревети, иако пред неколку недели ситуацијата била алармантна.
„Имаше период пред две до три недели кога инфективните одделенија ширум државата беа навистина исполнети. И во Гостивар, Охрид, Битола, Штип, Куманово, Струмица. Немаше ниту едно слободно место. И пациентите се носеа во Скопје. И во тој период исто како и сега, инфективните одделенија во болницата ‘8 Септември’ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не беа преполнети. Исто и сега, се намали притисокот во инфективните одделенија ширум државата. Тој притисок којшто се јави пред две недели на некој начин спласна. Добар е капацитетот, имаме слободни болнички кревети“, рече Филипче.
Во однос на работата за угостителските објекти, кажа дека во периодот кога се попуштиле рестриктивните мерки имало соработка со сите чинители коишто тогаш не работеле и постепено се враќале во функција.
„Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со Ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување настани и забави“, вели министерот.
Тој објаснува дека во текот на летото се гледало да им се излезе во пресрет на оние кои се соочувале со проблеми во работата.
„За димензионирање на мерките секогаш разговаравме со чинителите, затоа што секоја струка има по некоја специфика. Епидемиолошките принципи на медицинската наука секако дека важат за сите, меѓутоа имајќи ги предвид спецификите сакавме и нив да ги слушнеме, кои с епроблемите со кои тие сметаат дека ќе се соочуваат за време на функционирањето. И така беше и со музичарите, јавните настани, организаторите на настани. Донесовме протоколи за работа на затворено, на отворен простор итн. Се соочивме, многу конкретно, со значајно зголемување на бројот на заразени во возрасната група на третата и четвртата декада. И од увидот во епидемиолошките прашалници во огромен процент од настани во коишто мерките, за жал, не се почитувале. И тоа е нешто што сега се случува во регионот, цела Европа. Сведоци сме на голем број случаи во Франција, Австрија, Шпанија, Велика Британија – насекаде се истите трендови“, посочи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

