Македонија
(Видео) Донација од САД за МВР, ДЗС и Црвениот крст за справување со Ковид-19
Американската амбасадорка во земјава, Мари Брнз, денеска во Министерството за внатрешни работи ја предаде донацијата во опрема и средства за спревување со Ковид-19, наменета за МВР, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија. Донацијата ја примија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити.
Опремата вредна 163.000 американски долари веднаш ќе биде ставена во функција во соодветните организациски единици во Министерството за внатрешни работи, а се состои од генератори за струја, цистерни за вода, рефлектори, термометри, дезинфекциски средства, лаптопи и други средства.
„Сакам да изразам искрена благодарност до претставниците на ИЦИТАП-програмата при Амбасадата на САД во земјава, кои како наш партнер и силен поддржувач изминативе години несебично ни помагаа во осовременување на капацитетите на Министерството преку бројните донации во разновидна техничка помош, но и во стручна, професионална едукација и обука на полициските службеници од повеќе организациски единици во министерството. Би сакал уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да ѝ се заблагодарам лично на амбасадорката Брнз, на нашите докажани пријатели – Владата на САД и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија“, рече министерот Спасовски.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз, потенцираше дека оваа донација е една од низата донации на САД, која уште еднаш ја потенцира исклучително добрата соработка со Министерството за внатрешни работи, со Дирекцијата за заштита и спасување и со Црвениот крст на РСМ, што особено се манифестира во овие времиња кога се соочуваме со пандемијата на Ковид-19. Амбасадорката Брнз рече дека дека од почетокот на оваа пандемија полицијата, ДЗС и Црвениот крст се во првите редови за справување со сите предизвици.
„Опремата што ја донираме ќе се користи за справување со кризата со Ковид-19, но и за други предизвици. САД ќе продолжат да ѝ помагаат и да бидат партнер со Република Северна Македонија “, рече амбасадорката Брнз.
Директорот на Агенцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, потенцираше дека пандемијата носи сериозни предизвици и дека помошта од нашите партнери е многу важна.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, потенцира дека за Црвениот крст добиената помош придонесува за подобрување на перформансите на единиците кои му помагаат на населението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.