Македонија
Филипче: Се подготвуваат капацитети за есен – ќе се поставува модуларна амбуланта до Клиниката за пулмологија

Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека здравствениот систем веќе се подготвува за нов бран на Ковид-19 наесен во однос на болнички капацитети и преку организирање на системот на ротации на кадарот. Тој информира дека целосно е завршена инсталацијата за централен довод на кислород во монтажната модуларна болница, која има капацитет од 72 болнички легла и во која се планира да работи тим од Институтот за туберкулоза, како и дека завршена е постапката за нова модуларна амбуланта, која ќе биде во близина на Клиниката за пулмологија и ќе служи за тријажа на пациенти.
„Монтажната болница сега е подготвена да прими пациенти. Нема потреба да се носат боци со кислород. Заврши и постапката за ист таков тип модуларна амбуланта и евентуално сместувачки капацитет до Клиниката за пулмологија со цел за да се направи уште еден центар за грижа на пациенти за следниот период, во близина на клиника кај што има експертиза во однос на белодробни заболувања. Поставувањето на новата монтажна амбуланта ќе биде со цел оние пациенти што имаат каква било белодробна симптоматологија целосно се одделат од сите други пациенти, па дури и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите. Со ова ќе се растовари амбулантата која сега ја користат повеќе интернистички клиники, а каде што влегуваат и пациенти со белодробни заболувања. Ова е важно за наредниот период, а доаѓаат есенски месеци, во кои бројот на пациенти со белодробни заболувања значајно се зголемува“, рече министерот Филипче и додаде дека со тоа ќе има два центра во рамките на Клиничкиот центар, едниот блиску до Клиниката за пулмологија и модуларната болница до Инфективната клиника.
Според сите анализи и предвидувања, тој потенцира дека останува претпоставката оти наесен вирусот побргу и посилно ќе се шири и нема да може луѓето да бидат надвор, ќе бидат повеќе во затворени простории.
„Работиме на подготовка на капацитетите на есенскиот период. Имав средба со повеќе директори на повеќе болници во изминатите денови, во Штип, во Охрид, во Битола. Разговараме и ги разгледуваме евентуално дополнителните капацитети што би можеле да се користат како болнички. Има неколку студентски домови во Охрид и во Битола во кои може да се сместуваат пациенти, но тоа е прашање што треба да се договори и со Министерството за образование и наука и зависи од тоа како тие капацитети ќе бидат исполнети со студенти. Во следниот период ќе имаме апсолутно целосно спремен план, дополнителни кревети, кои би се користеле за капацитетите доколку се наметне потреба во есенските месеци, секако заедно со план за ротација на медицински персонал“, рече министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.