Македонија
Филипче: Сите пациенти со рак на дојка имаат терапија

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска учествуваше на 12. розова прошетка наречена „Напред розово“ во организација на Здружението „Борка – За секој нов ден“, која оваа година е наречена и „Race for the cure“.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче истакна дека денеска се одбележуваат и три години од одличната соработка со Здружението Борка, години во кои заеднички во инклузивен процес се работи на подобрување на здравствената услуга за пациентите кои имаат малигна болест.
„Во изминатите 3 години, значајно се зголеми бројот на биолошки лекови, најмодерна терапија за овие пациенти. До пред 3 години огромен број од нив се праќаа во странство да ја добијат оваа терапија, а сега нема пациент којшто има некаква онколошка дијагноза, а за кој нема терапија во нашата земја. За пациентките со карцином на дојка има и прволиниска и второлиниска терапија. Со фондот работевме на тоа да се зголеми и пристапот кон ортопедските помагала, така да сега има и градник. Во периодот којшто доаѓа ќе работиме на тоа да се обезбеди и соодветната ракавица. Сакам да им честитам на енергијата со којашто се вложуваат во оваа работа, тие коишто ја преживеале оваа малигна болест се секогаш на располагање да споделат искуство и да ги поддржат и другите пациенти и пациентки коишто во овој момент имаат проблем“, потенцираше министерот и додаде во заедничка соработка се воведе и психолошка поддршка на Клиниката за онкологија.
Тој инфомираше дека посебно во овој период, во здравствената криза со Kовид-19, не застанаа здравствените услуги за пациентите коишто имаат потреба од итна хируршка или каква било друга здравствена интервенција, како и за пациентите со малигна болест.
Во присуство на американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, министерот Филипче се заблагодари на континуираната поддршка на Амбасадата на САД, лично на амбасадорката Брнз, од почетокот на оваа криза тие беа едни од првите амбасади коишто дадоа помош на Министерството за здравство.
Борка за првпат е една од полноправните членови на „Think pink“, најголемата европска организација. Денеска во 11 часот 33 земји имаа заеднички, синхронизирани настани по повод одбележувањето на месецот октомври и подигнување на свеста за борба против ракот на дојка.
„Навистина сме среќни што успеавме и ние во Борка да го децентирализираме настанот. Во исто време Борките прават настани во 14 останати градови низ нашата земја и навистина сме среќни што можеме повторно да потенцираме дека ковид не смее да претставува проблем за да се запрат дијагностичките процедури за да се запре квалитетните услуги кои граѓаните треба да ги добијат, особено оние кои се најпогодени – пациентите со рак“, рече претседателката на Здружението, Биба Додева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.