Македонија
Филипче: Службено да се достават сите информации за смртта на мајката и синот од Велес
Сите кои имаат информации кои може да помогнат за расветлување на случајот со смртта на мајката позитивна на Ковид-19 и нејзиниот син од Велес треба по службен пат да ги достават до Институтот за судска медицина, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Неговиот повик за соработка доаѓа откако министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, јавно кажа дека МВР има податоци кои говорат дека мајката и синот починале во јануари или на почетокот на февруари, а не во март како што објави министерот, согласно извештајот од Институтот за судска медицина.
„Ја слушнав изјавата. Сите институции што имаат информации за овој случај мислам дека треба да соработуваат меѓу себе. Ако има досега несподелена информација тоа треба да го направат по службен пат, посебно имајќи предвид дека таму Судска медицина имаше и дополнителен увид за да се утврди времето на смртта. Не е завршен извештајот од Судска медицина. Извесно е дека смртта настапила неколку недели пред да бидат пронајдени телата. Информациите на МВР за телефонските разговори се предмет на соработка меѓу институциите во рамките на нивните ангажмани. Судска медицина соработува со МВР и со Обвинителството постојано, а така очекуваме да биде и сега“, рече министерот Филипче и нагласи дека во Институтот за судска медицина работат врвни и докажани експерти.
Епидемиолозите го оценија случајот како контроверзен оти отвори сомнеж за постоење на вирусот и пред да биде регистриран првиот случај, но откако Судска медицина утврди дека смртта настапила три до пет недели од пронаоѓањето на телата министерот Филипче соопшти дека нема да се прават дополнителни анализи за постоењето на вирусот оти смртта настапила во текот на март.
Мајката и синот на шести април беа пронајдени мртви во стан во Велес. Полицијата ги пронајде откако соседите пријавиле дека од станот се шири смрдеа, а посмртно во дишното стебло на мајката беше откриен коронавирус.Соседите се посомневаа дека починале во јануари бидејќи од тогаш не ги забележале мајката и синот.
Вчера, пак, СВР Велес извести дека полицијата добила известување од „Електродистрибуција“ Велес дека броилото покажало дека во станот последен пат е забележана потрошувачка на струја во јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

